ru24.pro
World News in Macedonian
Октябрь
2024

Иран ја укина забраната за купување најнови модели на Ајфон

0
Повеќе од 19 месеци откако на Иранците им беше забрането да ги купуваат најновите модели на Ајфон (iPhone), властите на 30 октомври објавија дека забраната е укината.


„Деталите и прописите поврзани со увозот на Ајфон (iPhone) ќе бидат објавени во најблиска иднина“, рече министерот за телекомуникации Сатар Хашеми во објавата на платформата X.


Тој не даде повеќе детали, но рече дека потегот е „поддржан“ од претседателот Масуд Пезешкијан.


Забраната, чија цел беше да го ограничи трошењето во странска валута додека земјата се опоравува од економските санкции поради нејзината нуклеарна програма, беше воведена во февруари 2023 година, со што беше забранета продажбата или увозот на мобилните телефони на Ајфон од серијата 14 и 15.




Тоа не се однесуваше на моделите на Ајфон 13 и претходните, создавајќи масивен црн пазар во земја каде што поседувањето уред од брендот Apple се гледа како статусен симбол. Пред забраната, проценките на аналитичарите покажаа дека околу 1 од 3 паметни телефони биле од моделот на ајфон.


Самиот американски технолошки гигант нема официјално присуство во Иран бидејќи му е забрането да работи во земјата поради санкциите од САД.


Договорот познат како Заеднички сеопфатен акционен план (JCPOA) меѓу Иран и светските сили во 2015 година ја ограничи нуклеарната програма на Техеран во замена за ослободување од санкциите.


Сепак, Иран ја прошири својата програма и ги ограничи инспекциите на Меѓународната агенција за атомска енергија МААЕ на неговите нуклеарни локации откако тогашниот претседател Доналд Трамп ги повлече Соединетите Држави од договорот и повторно воведе санкции во 2018 година.


Техеран и Вашингтон немаат дипломатски односи од 1980 година, кога американскиот претседател Џими Картер ги прекина односите поради заложничката криза во Иран.