ru24.pro
World News in Macedonian
Октябрь
2024

СДСМ ќе бара директорот на АНБ да реферира за сертификатот на јавна седница на собраниска комисија

0
Пратеничката од редовите на СДСМ, Славјанка Петровска, денеска на прес-конференција во законодавниот дом соопшти дека Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ќе поднесе иницијатива до претседателот на Комисијата за надзор над работата на АНБ Скендер Реџепи, за свикување на седница на која ќе биде поканет директорот на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски, со цел да даде одговори на прашања поврзани со сертификатот по англиски јазик кој го приложил при конкурирањето за директор на Агенцијата.


Според Петровска, именувањето на директор на АНБ е под сомнителни околности и сомнителен серификат за познавање на англиски јазик. Со именувањето на Христовски за директор на Агенцијата, таа вели се руши угледот во НАТО безбедносно-разузнавачката заедница.


„Именувањето на директор на Агенцијата за национална безбедност под сомнителни околности и сомнителен сертификат за познавање на англиски јазик е најголемиот срам, но и понижување на државата и професионалците кои животот и работниот век го посветија во безбедносно-разузнавачката заедница. Од сите професионалци кои ја градеа оваа држава и оваа заедница, ДПМНЕ го одбра тренерот по кикбокс за директор и не почестија со фалсификуван сертификат. Агенцијата за национална безбедност не е истата онаа од времето на Горан Грујовски и Сашо Мијалков“, рече Петровска. 




Петровска вели дека директорот на АНБ треба да даде одговори на прашања поврзани со тоа каде тој престојувал на денот на полагањето за сертификатот по англиски јазик, како и што знае за последните помилувања од страна на претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова.


„Имаме прашања кои се од значење за интересот на државата и во интерес на јавноста сакаме јавно да ги поставиме и да добиеме одговори. Едно од тие прашања е добиено од свиркачи, вработени во безбедносно-разузнавачката заедница и е следново. Каде бил Бојан Христовски на денот на полагањата? Каде престојувал дента или неколку дена пред датумот на полагањето? Но и многу други, поврзани со неговите сегашни активности во Агенцијата, како на пример што тој знае за скандалозните помилувања. И токму затоа, денеска ќе поднесеме иницијатива до претседателот на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност за свикување на седница на која ќе биде поканет директорот на Агенцијата кој ќе даде одговор на овие прашања“ , рече Петровска. 


Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) отвори предмет за именувањето на Бојан Христовски за директор на Агенцијата за национална безбедност, откако до институцијата пристигнала анонимна претставка во која пишувало дека тој наводно не ги исполнува условите за да биде директор. Претседателката на Антикорупциска, Татјана Димитровска, потврди дека за претставката е оформен предмет и веќе се постапува. 




Именувањето на Бојан Христовски за директор на институцијата задолжена за безбедноста и контраразузнавањето предизвика реакции во јавноста. Тој до неодамна беше член на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Градскиот комитет на партијата во Скопје.