ru24.pro
World News in Macedonian
Октябрь
2024

Западните земји ги преиспитуваат односите со Грузија по „спорните“ избори

0
Соединетите Држави, Канада и Шведска изразија критика по парламентарните избори во Грузија откако проруската владејачка партија Грузиски сон тврди дека победила и покрај извештаите за широко распространети нерегуларности и масовни протести на поддржувачите на опозицијата кои велат дека гласањето било наместено и изманипулирано од Москва.


Канада и Шведска најавија конкретни потези насочени кон актуелната грузиска влада.


Шведска објави дека ја прекинува секаква директна соработка со грузиската влада, додека Канада соопшти дека ги „разгледува“ своите односи со властите во Тбилиси.


Бенџамин Дуза, шведскиот министер за развојна соработка и надворешна трговија, во изјавата рече дека во Стокхолм има „долгогодишна загриженост“ за „алармантните“ политички случувања во Грузија и дека неправилностите пријавени од западните набљудувачи ја потврдуваат таа загриженост.


„Затоа, владата ја прекинува директната шведско-грузиска соработка, која сè уште е во тек, вклучително и со грузиската даночна управа“, рече Дуса.




Во меѓувреме, канадското Министерство за надворешни работи изрази загриженост во соопштението за, како што ги нарече, „раширените акти на заплашување гласачи, купување гласови и други нерегуларности на денот на изборите“, пријавени од меѓународни набљудувачи кои го следеа гласањето.


„Во координација со нашите Г7 и европските партнери, и во светло на спроведувањето и резултатите од овие избори, Канада ќе го преиспита својот однос со грузиското раководство. Канада останува отворена за соработка со Грузија, се додека грузиското раководство ги почитува демократијата, човековите права, владеењето на правото и се осврнува на неодамнешното назадување на демократијата“, се вели во соопштението.




Американскиот сенатор Бен Кардин (демократ од Мериленд), претседател на моќната Комисија за надворешни односи на Сенатот, рече дека пријавените неправилности се „вознемирувачки и разочарувачки“ и следуваат откако Европа и САД „постојано предупредуваа“ за демократското назадување на Грузија.


„Ќе продолжам внимателно да ја набљудувам постизборната средина и да работам со администрацијата на Бајден-Харис за да го одредам соодветниот одговор во американско-грузискиот однос“, рече Кардин во изјавата.


Предупредувањата од западот следуваат откако десетици илјади Грузијци излегоа на улиците на 28 октомври, откако претседателката Саломе Зурабишвили, која беше во судир со Грузиски сон, ја обвини владејачката партија во земјата дека користи тактики во руски стил и одби да ги признае резултатите.


Официјалните резултати од изборите на 26 октомври и дадоа на владејачката партија Грузиски сон повеќе од 54 отсто од гласовите, што е доволно за да се одржи контролата врз владата.