ru24.pro
World News in Macedonian
Октябрь
2024

Владејачката партија во Узбекистан оди кон парламентарна победа

0
Владејачката партија во Узбекистан лојална на претседателот Шавкат Мирзијоев тргна кон  лесна победа на парламентарните избори во земјата, според прелиминарните резултати објавени од изборните власти на 27 октомври.



Централната изборна комисија соопшти дека Либерално-демократската партија на Мирзијоев би можела да заземе 64 места од 150 места во Долниот дом на парламентот, и покрај неодамнешните реформи и предвидувањата на претседателот дека изборите ќе бидат „силно оспорувани“.



Сепак, изборите се одржаа без регистрирани опозициски партии. Според експертите, единствената конкуренција со која се соочила владејачката партија биле четири партии блиски до претседателот.




Сите пет партии-учеснички на изборите го поминаа прагот на гласање потребен за парламентарно претставување.


Централната изборна комисија соопшти дека одѕивот на гласачите бил речиси 75 отсто, што е повеќе од доволно за властите да ги сметаат изборите за успешни.



Набљудувачки тим од Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во својата првична оценка на 28 октомври, рече дека „со оглед на проблемите што ги идентификуваа нашите набљудувачи за време на вчерашното гласање, пребројување и сумирање, мора да се направи многу повеќе за да се унапреди транспарентноста и довербата во официјално објавените резултати и процент на излезност“. 


Ова беше пробно гласање за новиот мешан изборен систем, резултат на ревизијата на Уставот и на Изборниот закон на Узбекистан. Според измените, само половина од 150 пратеници во парламентот се избираат со гласање за политички партии. Останатите 75 кандидати се избираат поединечно.


Азај Гулиев, специјален координатор и лидер на тимот за краткорочни набљудувачи на ОБСЕ, рече дека иако реформите претставуваат напредок, „остануваат значајни предизвици во остварувањето на основните слободи, особено правото на здружување, мирно собирање и слободата на изразување“.



Узбекистанскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ) објави дека граѓаните на Узбекистан изразуваат загриженост поради слабиот одѕив на гласачите, и покрај тврдењата на официјалните лица за одзив од речиси 75 отсто.


На претседателските избори во Узбекистан во 2023 година, Мирзијоев освои трет мандат. 


Мирзијоев стана претседател во 2016 година по смртта на долгогодишниот автократски лидер Ислам Каримов.