ru24.pro
World News in Macedonian
Октябрь
2024

Повеќе од 43.000 Палестинци убиени во едногодишната војна во Газа

0
Бројот на загинати Палестинци во едногодишната војна во Газа надмина 43.000, од кои повеќе од половина се жени и деца, соопшти палестинското Министерство за здравство на 28 октомври.



Оваа бројка вклучува и 96 загинати лица кои беа префрлени во болниците во Газа во последните два дена, соопшти Министерството, кое го предводи Хамас, палестинска група која Соединетите Американски Држави (САД) и Европската унија(ЕУ) ја прогласија за терористичка организација.



Израелската армија викендов изведе операција во северниот дел на Газа, вклучително и во една болница. Војската соопшти дека уапсила 100 осомничени милитанти на Хамас за време на рацијата во болницата „Хамал Адван“ во Беит Лахиа на 25 октомври. 



Светската здравствена организација го обвини Израел дека уапсил 44 лица од машкиот болнички персонал.


Палестинските медицински претставници изјавија дека болницата, која третира околу 200 пациенти, била тешко оштетена во нападот.




Израел нападна неколку болници во Газа за време на едногодишната војна, велејќи дека Хамас и другите групи ги користат за воени цели. Палестинските медицински претставници ги негираат наводите и ја обвинуваат армијата дека ги загрозува цивилите.



Израелската армија ги повика Палестинците да го напуштат северниот дел на Газа, каде веќе три недели спроведува голема офанзива.


Обединетите нации (ОН) претходно овој месец соопштија дека најмалку 400.000 луѓе се во северниот дел на Газа и дека кризата со глад се зголемила бидејќи хуманитарната помош е намалена во текот на изминатиот месец.



Министерството за здравство на Газа соопшти дека најмалку 43.020 луѓе биле убиени, а 101.110 биле ранети од почетокот на војната на 7 октомври 2023 година.



Војната меѓу Израел и Хамас почна откако милитантите на Хамас ги пробија граничните бариери во јужен Израел и упаднаа преку границата, убивајќи околу 1.200 луѓе - главно цивили, и киднапирајќи уште 250 други луѓе.