ru24.pro
World News in Macedonian
Октябрь
2024

Муртезани ќе дели црвени, жолти и зелени картони на министрите за спроведените реформи

0
Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, купил картони во црвена, жолта и зелена боја и ќе им ги дели на неговите колеги во Владата. Каква боја ќе добива секој министер ќе зависи дали ги доцнат, имаат проблеми или ги спроведуваат реформите утврдени со реформската агенда.


Реформската агенда е дел од Планот за раст на Западен Балкан што го подготви Европската комисија (ЕК). Секоја земја имаше задача да подготви план за реформи до 2027 година, кои доколку ги спроведе за возврат од Брисел етапно ќе добива пари - дел во форма на заеми, дел како грантови. За целиот регион предвидени се шест милијарди евра од кои Северна Македонија ќе добие околу 750,4 милиони евра, а до крајот на годинава очекува да добие авансна исплата од 52,5 милиони евра.


За тоа како изгледа реформската агенда на Северна Македонија, денеска (25 октомври) министерот Орхан Муртезани одржа брифинг со новинарите.




Дел од планирате проекти, според него, личат на „листа на желби“ и за да станат реални проекти мора да „созреат“ од аспект на документација, стратегија итн. Уште еден предизвик кој го наведе Муртезани е што во дел од институциите има слаб капацитет.


Инаку, реформите се поделени во пет групи: управување со јавните финансии и реформи на јавната администрација, зелена енергија, дигитализација, деловно опкружување и владеење на правото. Најмногу од 750-те милиони евра, 25 отсто, се условени со реформи во областа на деловното опкружување.


За исплаќање на парите, посочи Муртезани, услов не се уставните измени со кои треба бугарската заедница да се вметне во Преамбулата од Уставот.


Тоа останува услов за отворање на првиот кластер од преговорите со ЕУ, но по вчерашната посета на претседателката Урсула фон дер Лајен, министерот гледа промена во реториката од аспект на тоа што немало одбивање на предлогот на актуелната власт за одложено дејство на уставните измени - нивно стапување во сила од моментот на зачленување на земјава во ЕУ.


Во рамки на нејзината турнеја на Западен Балкан, претседателката на ЕК вчера беше во Скопје каде на заедничка прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски порача дека уставните измени треба да се направат, но немаше конкретни одговори од двајцата дали е прифатливо ниво „одложено дејство“.




Таа се осврна и на реформската агенда и на Планот за раст велејќи дека Северна Македонија завршила добра работа и оти Планот „ќе испорача конкретни резултати за луѓето“.


Инаку, реформските агенди за пет земји од Западен Балкан - Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија и Косово, Европската комисија ги усвои на 23 октомври.


Откако тие беа усвоени, се очекува сега Европската комисија да започне со потпишување договори со сите земји од регионот.