ru24.pro
World News in Macedonian
Октябрь
2024

Поранешниот албански претседател Илир Мета се појави пред Специјалниот суд

0
Поранешниот албански претседател Илир Мета се појави во Специјалниот антикорупциски суд (СПАК) денеска утрото (23 октомври), два дена откако беше приведен под обвинение за корупција.


На рочиштето тој ќе биде запознаен со мерката притвор која му е определена за обезбедување на неговото присуство, а неговиот адвокат ќе ги изнесе своите аргументи против ваквата одлука.


Специјалното обвинителство соопшти дека поранешниот претседател Мета и неговата сопруга Моника Криемади „во меѓусебна соработка, но и со други јавни функционери, биле вмешани во корупција, перење пари и прикривање на богатството“.




И за Креимади, со која Мета е во процес на развод, ќе се одржи рочиште на кое обвинителите и одбраната ќе ги соочат аргументите за и против мерките што беа определени за неа.


Во судот денеска утрото пристигна и Пиро Ксиџо, поранешниот прв човек на Агенцијата за електронски и поштенски комуникации (АКЕП), заедно со уште едно лице кое е опфатено со истрагата.


СПАК нагласи дека Мета и неговата сопруга Моника Криемади „меѓу себе, но и со други јавни функционери, учествувале во извршување на повеќе кривични дела“.


Во 2019 против Мета беше покрената истрага поврзана со аферата за приватизацијата на албанската Електродистрибуција и со наплата на преостанатите долгови.


Три години подоцна, беше отворен уште еден случај, оформен по жалба за непријавени плаќања од партијата на Мета во вредност од илјадници евра кои биле потрошени за лобирање во САД.


Двата случаи, во 2024 година беа споени во еден.


Истрагата е во тек и обвинителството работи на собирање докази и разоткривање вмешаност на други лица во овие активности.


СПАК на 21 октомври се заблагодари на соработката од органите на прогонот на САД, Австрија, Италија, Сан Марино, Кипар и државната полиција.




За случајот се огласија и од американскиот Стејт департмент порачувајќи дека ги поддржуваат напорите на СПАК во борбата против корупцијата во Албанија.


„Свесни сме за апсењето. Ве упатуваме до албанските власти за дополнителни детали за случајот. САД го поддржуваат напредокот на Албанија кон владеењето на правото, вклучително и напорите на СПАК да гони корупцијата на високо ниво и организираниот криминал во согласност со законот“, изјави од Стејт департментот на барањето за коментар за апсењето на Мета од Гласот на Америка.


Илир Мета беше претседател на Албанија од 2017 до 2022 година. Покрај функцијата претседател, Мета беше и премиер, претседател на Собранието, министер за надворешни работи и министер за економија.