ru24.pro
World News in Macedonian
Октябрь
2024

Мицкоски: Ако Преспанскиот договор е „ремек дело“, зошто да не се преслика во спорот со Бугарија

0
 


Државата ни е блокирана од нерационален и билатерален спор, порача македонскиот премиер Христијан Мицкоски во своето обраќање на 20. Европски самит во Салцбург посветен на ЕУ и реформите.


Тој изјави дека дури и Бугарите да се внесат во Уставот, никој не гарантира дека тоа е последен услов за исполнување на некоја обврска и дека за шест месеци од сега нема да се бара нешто дополнително.


„ Ако Преспанскиот договор беше „ремек-дело“ на европската дипломатија, нешто што е, да речеме, 'брилијантно', зошто тогаш ова 'ремек-дело' не го повториме за изнаоѓање на конечно, трајно и одржливо решение за овој вештачки спор“, рече тој во својот говор.


Албанија на 15 октомври го отвори првиот кластер од преговорите со Европската Унија, додека Северна Македонија беше одвоена од тој пакет затоа што не го исполни условот да го смени Уставот и да ја внесе бугарската заедница во Преамбулата.


Ставот на Мицкоски е дека треба да се репреговара т.н. француски предлог од кој произлезе условот за уставни измени, односно тие да се направат, но со одложено дејство – да важат од моментот на зачленување на Северна Македонија во ЕУ. Идеја, којашто според претходното објаснување на Мицкоски, не е прифатена од ЕУ.


Мицкоски во својот говор во Салцбург истакна дека Бугарија досега не спровела и испочитувала вкупно 14 пресуди од Европскиот суд за човекови права за регистрирање на здружение на Македонците кои живеат на тие простори, додека, како што вели , од друга страна бараат внес на Бугарите во македонскиот Устав, што, според него покажува отсуство на волја за приближување на работите.




Претходно на 15 октомври шефицата на германската дипломатија, Аналена Баербок, вели дека таа се залага за укинување на едногласност во ЕУ, но додека тоа не се случи, Северна Македонија мора да ги почитува компромисите, а тоа значи дека уставните измени се клучен чекор кон почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ.


Таа порача дека вметнувањето на бугарското малцинство во македонскиот Устав е последниот чекор за отворање на првиот преговарачки кластер со ЕУ.


„Правилата во ЕУ се такви, се одлучува едногласно, и тука не се работи за некаква неправда. Ние не се согласуваме со нашите европски партнери во сѐ, но такви се правилата. Сѐ додека тие правила не се сменат, за што јас лично се залагам, тие треба да се почитуваат“, изјави Баербок.