ru24.pro
World News in Macedonian
Октябрь
2024
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18
19
20
21
22
23
24
25
26
27
28
29
30
31

Нова средба на главните преговарачи на Србија и Косово на 24 октомври

0
Главните преговарачи на Србија и Косово следната седмица ќе имаат нова рунда средби во рамки на дијалогот за нормализација на односите, потврди за Радио Слободна Европа извор од Брисел.


Специјалниот пратеник за дијалог, Мирослав Лајчак, според овој извор, има намера да организира средба во четврток, на 24 октомври.


Планот на европската страна е да се разговара за понатамошни чекори во спроведувањето на договорот за патот кон нормализација на односите, што лидерите го постигнаа во февруари 2023 година во Брисел, како и за Анексот за имплементација, кој беше договорен во март истата година, во Охрид.


Овие договори не се потпишани од страните бидејќи претседателот на Србија, Александар Вучиќ, одби да го потпише договорот со Косово. Без разлика на тоа, Европската унија смета дека документите се правно обврзувачки за двете страни.


Без оглед на неформалната потврда дека главниот преговарач на Србија, Петар Петковиќ и шефот на преговарачкиот тим од Косово, Бесник Бислими, ќе дојдат во Брисел на закажаниот термин, се уште нема потврда дека ќе има заедничка, трилатерална средба на страните, иако тоа е намерата на организаторите.


Последен пат Лајчак свика рунда дијалози на ниво на главните преговарачи на 17 септември.


И Бислими и Петковиќ тогаш имаа одвоени средби со европскиот пратеник за дијалог, но заедничка средба немаше.




Дијалогот меѓу Косово и Србија е во застој повеќе од една година.


Во февруари 2023 година, лидерите постигнаа договор за патот кон нормализација на односите. Во март истата година беше договорен Анексот за имплементација.


На секоја средба на лидерите доминираа тензии. Последен пат се сретнаа на 14 септември 2023 година. Десет дена подоцна се случи напад во Бањска, кој дополнително ги затегна односите.


Во последната година во неколку наврати во Брисел доаѓаа главните преговарачи, но средбите суштински не ја променија ситуацијата.


Често се случува да нема заедничка средба и рундите да завршат само со одвоени разговори со европската страна.


Последен пат заедничка средба со посредство на ЕУ имаа на 2 јули.


Лидерите на Србија и на Косово последен пат се сретнаа во рамките на дијалогот, на 14 септември 2023 година.