ru24.pro
SlobodnaEvropa.mk
Август
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23
24
25
26
27
28
29
30
31

Дождот го изгасна пожарот во Јасен

0

Дождот што заврна врнеше нешто повеќе од два часа на подрачјето на ловиштето „Јасен“, помогна пожарот да биде изгаснат, соопштија денеска од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

„Но и покрај поголемата количина на заврнат дожд, на некои места од пожарната линија сè уште може да се забележи чадење, поради што по кревањето на маглата и чадот, ќе продолжиме со пешадиско дејствување врз жешките точки што покажуваат знаци на горење. Овој терен ќе биде пребаран и со дронови со термални камери. Екипи на ЈП „Јасен“ продолжуваат со патролирање сè додека не се потврди дека пожарот е целосно изгаснат“, се наведува во соопштението од Дирекцијата.

Оттаму апелираат граѓаните да бидат внимателни со цел да не предизвикаат пожар, како и да го пријават секое сомнително однесување.

„Доколку граѓаните забележат електрични жици што се допираат или искрат, веднаш да пријават во „ЕВН“ или на бројот 112“, се додава во соопштението на ДЗС.

Борбата со големиот шумски пожар на ова место траеше повеќе од 10 дена. На терен беа и специјалци од армијата и полицијата од елитните единици „волци“ и „тигри“, претежно алпинисти, кои работат во опасни услови на расчистување на појасот и за сузбивање на огнената стихија.

Поради честите пожари летово, на територијата на цела држава е прогласена кризна состојба, која Владата на седница на 7 август ја продолжи за нови 30 дена.

За да се зајакнат капацитетите во справување со пожарите, Дирекцијата за заштита и спасување преку општините потпиша договори со 352 граѓани што се пријавија на неодамнешниот повик за обука на пожарникари.