ru24.pro
SlobodnaEvropa.mk
Август
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23
24
25
26
27
28
29
30
31

Српската листа ја нарече „нелегална“ одлуката на ЦИК да не ја сертификува на изборите

0

Српската листа ја оцени како „нелегална и дискриминаторска“ одлуката на Централната изборна комисија (ЦИК) да не ја сертификува оваа најголема партија на косовските Срби, која ја ужива поддршката на Белград, за октомвриските избори во Косово.

Претседателот на Српската листа, Златан Елек, на прес-конференција на 22 август изјави дека иако Канцеларијата за политички партии препорачала сертифицирање, ЦИК одлучила да ја отфрли таа препорака.

„Јасно е дека Албин Курти, (вршител на должноста премиер) и неговиот член во ЦИК, пред сè мислам на Албан Красниќи, сопругот на Аљбулена Хаџија (в.д. министерка за правда), не можат да ѝ простат на Српската листа што не е избрана на функцијата претседател на Собранието на Косово“, рече тој.

„Оваа реакција на Курти е, пред сè, добивање бесплатни политички поени. Ќе ги преземеме сите потребни законски мерки за да обезбедиме прво сертифицирање на сите кандидати, и за градоначалници и за советници“, додаде Елек.

Според Елек, што се однесува до политичката застапеност на Србите на Косово, од едната страна е неговата партија, додека од другата страна се „некои квазисрпски партии поддржани од Албин Курти“, додавајќи дека Курти „сака да го подели српското политичко тело“.

Игор Симиќ од Српска листа изјави дека жалбата против одлуката на ЦИК е напишана и ќе биде испратена до Изборниот одбор за жалби и поплаки по прес-конференцијата.

Српската листа може да поднесе жалба против одлуката до Изборниот одбор за жалби и поплаки (ЕПГ), кој, според некои правни експерти, ќе ја поништи одлуката на ЦИК. Слична ситуација постоеше и пред парламентарните избори во февруари, кога Изборниот одбор за жалби и поплаки поништи одлуката на ЦИК, па Српската листа освои девет мандати.

На седницата на ЦИК на 21 август, предлогот за сертифицирање на Српската листа доби само два гласа „за“, два беа „против“ и седум воздржани.

Српската листа одлучи да учествува на локалните избори оваа година, по бојкотот на претходните локални избори на кои градоначалниците Албанци ја презедоа и ја задржаа власта во четири општини со српско мнозинство на северот од земјата од мај 2023 година.

Доколку биде сертифицирана, се очекува Српската листа повторно да ги преземе сите четири општини на северот од Косово: Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток.

Српската листа беше на власт во сите десет општини со српско мнозинство во Косово до ноември 2022 година, кога одлучи да ги напушти институциите на северот, поради барањето на Владата на Косово да ги замени српските регистарски таблички за автомобили со косовски.