ru24.pro
SlobodnaEvropa.mk
Август
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16
17
18
19
20
21
22
23
24
25
26
27
28
29
30
31

Нов праг за независните кандидати на изборите, на 16 август итна седница во Собранието

0

Собранието за 16 август закажа седница чија единствена точка на дневен ред е Предлог на закон за изменување и дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка.

Со измените се предлага независните кандидати наместо со потписи од 1 процент од вкупниот број запишани избирачи во една Изборна единица, да можат за избори да се кандидираат со 0,95 проценти од вкупнозапишаните во една Изборна единица.

Тоа е за 0,05 отсто помалку од прагот што Уставниот суд во мај го прогласи за неуставен.

Предлагачи се пратениците Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ, Бобан Карапејовски од ЗНАМ и Саранда Имери -Стафаи од коалицијата „Вреди“.

Седницата е закажана откако претседателот на Собранието веќе ги распиша локалните избори.

Претходно, Борис Кондарко, претседател на Државната изборна комисија (ДИК) изјави дека независните кандидати би можеле да поднесат листи на претстојните локални избори и без да собираат потписи.

„Согласно Уставот и Законот, секој има еднакво избирачко право да бира и да биде избран. Значи, ДИК нема право и никому не му го ускратува законското право за учество на избори. Членот 60 постои во Изборниот законик, тој е јавен и достапен за сите. Значи сите – и политички партии и коалиции и група избирачи, согласно членот 60, имаат право да учествуваат на изборите“,

изјави Кондарко.

Проблемот за независните настана откако минатата година беа донесени измени на Изборниот законик, со кои им се наметна повисок законски праг за да се кандидираат на избори. Имено, наместо 1.000 потписи од избирачи во конкретна изборна единица, на независните кандидати им беше наложено да обезбедат потписи од најмалку еден отсто од вкупниот број запишани избирачи, доколку станува збор за парламентарни избори.

Сакајќи да се осигураат дека ќе можат да настапат на изборите, независните граѓански иницијативи почнаа да собираат потписи за да формираат партии. За да се формира партија потребни се 1.000 потписи.

Заедничка партија ќе формираат граѓанските иницијативи „Шанса за Центар“ и „Зелените од Гази Баба“. Посебна партија ќе формира граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“.

На локалните избори во 2021 година учествуваа 57 независни листи со кандидати за советници во 40 општини. Тие освоија вкупно 56.000 гласови.

Првиот круг за избор на градоначалници и членови на советите на 80 општини и на градот Скопје ќе се одржи на 19 октомври.