Муцунски: Одлуката на Уставниот суд нема да влијае врз Преговарачката рамка
Каква и да биде одлуката на Уставиот суд, тоа нема да влијае врз реализација на нашата стратешка цел, ниту ќе влијае на каков било начин врз содржината на Преговарачката рамка, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, за иницијативата пред Уставен суд за вториот протокол со Бугарија.
Уставниот суд пред неколку дена формираше предмет во кој е оспорен Протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија со Бугарија од 17 јули 2022 година во Софија. Во тек е претходна постапка во која се испитуваат податоците и известувањата потребни за донесување на одлука.
„По однос на нашите релации со ЕУ не мислам дека самата одлука на Уставниот суд, каква и да биде, ќе влијае по однос на тоа што го работиме во последниот период. Прво, нашата Влада докажува на дело дека е посветена кон процесот на европска интеграција и преку нашето дејствување на надворешно политички план, но и преку она што го правиме дома“, рече Муцунски.
Во однос на тоа дали Протоколот со Бугарија може да биде прогласен за ништовен и дали може да се доведе во прашање и Договорот за добрососедство со Бугарија, Муцунски рече дека ќе се воздржи од коментар, бидејќи веќе има постапка пред Уставниот суд, и доколку го дадам својот став „некој може да се обиде да го толкува како влијание, макар и јавно, врз работата на Уставниот суд“.
Претходно, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека „апсолутно ние никогаш нема да се повлечеме од преговорите со ЕУ, тоа не е цел на оваа Влада, напротив наша цел е да бидеме дел од ЕУ“.
Подносител на иницијативата е поранешната пратеничка и претседателка на ДОМ Лилјана Поповска, која наведува дека со оспорениот Протокол е прекршен Уставот и тврди дека има несоодветна форма и содржина, дека излегува надвор од рамките на правен акт кој обработува еден член од Договор меѓу две земји и произведува штетни дејствија врз идентитетските прашања за македонскиот народ, јазик и држава.
Поповска бара поништување на Протоколот и наведува дека поништувањето е издржано согласно Виенската конвенција за договорното право(1969) со која е овозможено поништување во случај кога е во спротивност со императивната норма на општото меѓународно право, што таа го толкува и во овој случај.
Во иницијативата, како што информираат од Уставен, е наведено дека Протоколот не е полноправен акт потврден од Парламентот, туку останува само записник од состанок на Меѓувладина комисија.
Протоколот беше потпишан во Софија за време на вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија меѓу Северна Македонија и Бугарија од страна на поранешните министри за надворешни работи на двете земји, Бујар Османи и Теодора Генчовска.
По потпишувањето, Османи тогаш кажа дека за земјава биле важни три работи и тоа: Протоколот да не биде дел од преговарачката рамка, македонскиот јазик да биде чист во комуникацијата со ЕУ и историските прашања да се надвор од преговорите.