Регистрирани 10 сериозни инциденти против новинари на српските протести
Медиумските организации од Србија и регионот денеска (14 август) објавија дека за време на демонстрациите претходниот ден, регистрирани се 10 сериозни инциденти против новинари кои известуваат од терен - од физички напади и навреди до уништување на опрема.
Според соопштението, издадено ден по уличните немири и судирите меѓу антивладините демонстранти и поддржувачите на владејачката Српска напредна странка (СНС), нападите врз медиумските работници дошле „и од граѓани и од полицајци, кои не само што не успеале да го спречат насилството, туку во многу случаи и самите го извршиле“.
„Претходната ноќ, дури шест од десет случаи на напади биле извршени од полицајци. Наместо да ги заштитат новинарите и да ја обезбедат нивната работа, властите одговорни за заштита стануваат директни сторители на насилство, игнорирајќи ги своите законски обврски“, се вели во соопштението кое е потпишано од 15 новинарски здруженија.
Потписниците ги повикуваат полицијата и јавното обвинителство итно да ги обработат и решат сите напади и закани врз новинари, без оглед на тоа кој ги извршил нападите.
Тие потсетуваат дека во 2016 година беше потпишан Договор за соработка со Републичкото јавно обвинителство и Министерството за внатрешни работи, чија главна цел беше да се обезбеди повисоко ниво на заштита на новинарите и медиумските работници.
„Сепак, во ситуација кога речиси секој ден сме сведоци на брутални и неоправдани полициски акции против новинари на улиците, станува очигледно дека институциите кои се обврзаа да ги заштитат сега отворено ги игнорираат сопствените ветувања и законите на оваа земја“, се вели во соопштението.
Протести беа одржани во Нови Сад, Белград, Ниш и неколку други градови во Србија на 13 август, пред или во близина на ограноците на владејачката партија. Под слоганот „Србија, разбуди се“, граѓаните се собраа како одговор на насилството извршено од поддржувачите на СНС врз граѓаните на претходните протести, главно во Војводина.
Владини претставници, предводени од српскиот претседател Александар Вучиќ, ги обвинија демонстрантите дека предизвикуваат немири и напади врз просториите на владејачката партија. Од друга страна, учесниците во демонстрациите ги обвинија активистите на СНС дека ги нападнале со пиротехнички средства, а ја обвинија и полицијата дека не реагирала.
Антивладините протести во Србија, предводени од студенти, траат повеќе од девет месеци. Тие од власта бараат одговорност за смртта на 16 лица при уривањето на главната железничка станица во Нови Сад на 1 ноември.