Пријава за лице од Крива Паланка кое влечело куче со возило
Поднесена е пријава за лице од Крива Паланка кое влечело куче со возило, информираат попладнево од Министерството за внатрешни работи.
„Вчера во 14:45 часот во ОВР - Крива Паланка бил извршен службен разговор со З.М., на возраст од 59 години, затоа што на магистралниот пат село Жидилово - Крива Паланка на патничко моторно возило 'фиат панда' врзал куче и го влечел. По целосно документирање на случајот, против З.М. поднесена е соодветна пријава“, појаснуваат од МВР.
Фотографии споделувани на социјалните мрежи предизвикаа реакции во јавноста и беа упатени повици за построги санкции за вакви и слични дела.
Минатиот месец основниот кривичен суд во Скопје ги прогласи за виновни Љубе Крстевски и Бранко Билбиловски за убиство на кучето Феликс, кое почина на 7 јануари 2025 година од последици на нанесените повреди.
Делото беше квалификувано според член 233 став 1 од Кривичниот законик, кој предвидува парична казна или затвор до три години за оној што ќе усмрти животно без причина или ќе го изложи на непотребни маки и болки.
Ова беше прва пресуда со затворска казна за овој вид кривично дело.