Протести во повеќе градови во Србија, забележани и инциденти
Повеќе инциденти и судири меѓу антивладините демонстранти и поддржувачите на владата беа забележани на протестите „Србија, разбуди се“ кои на 13 август се одржаа во неколку градови во Србија.
Во Белград имаше неколку судири меѓу антивладините демонстранти и полицијата кога во еден дел од главниот град на Србија демонстрантите се обидоа да се приближат до седиштето на владејачката Српска напредна партија, што полицијата не го дозволи.
Протестите беа најавени на социјалните мрежи, а на нив повикаа студентите во блокада кои со месеци ги блокираат високообразовните институции во земјата.
Дел од демонстрациите се одржуваа пред седиштата на владејачката партија Српска напредна странка (СНС). Пред дел од штабовите беа собрани и симпатизери и членови на СНС.
Во Нови Сад и Белград, се забележани и инциденти, односно судири со полицијата, фрлање пиротехнички средства, гаѓање кон полицијата со разни предмети…
Репортерката на РСЕ од терен јави дека во Нови Сад се искршени и прозорците од партиските простории на СНС.
Српското Министерство за внатрешни работи информираше дека во Нови Сад бил повреден и еден полицаец.
На едно од местата каде беше забележан инцидент во Белград односно судир меѓу демонстрантите и поддржувачите на власта, по завршувањето на инцидентот се појавил и српскиот претседател Александар Вучиќ.
Агенцијата Бета јави дека Вучиќ дошол пред зградата на српскиот парламент каде се собрани стотици поддржувачи на власта - место каде со месеци тие имаат поставено и шатори, а коешто студентите во блокада го нарекоа „Чациленд“.
Подоцна на прес-конференција, Вучиќ изјави дека двајца полицајци се тешко повредени, а дека најмалку 16 полицајци се повредени во демонстрациите.
Тој ги обвини антивладините демонстранти за насилство и рече дека „никој не ги нападнал демонстрантите никаде“.
Додаде дека „нема да има милост за бандити и насилници“ и „нема да има граѓанска војна“.
„Луѓето во Србија мора да знаат дека ние дури и не помисливме да ја изнесеме војската на улица, нема да има граѓанска војна, ги покануваме на разговор“, рече тој.
Причината за вечерашните протести во Србија се немирите што се случија на 12 август во градовите Врбас и Бачка Паланка во Војводина, за време на кои избувнаа судири меѓу противниците и поддржувачите на Владата.
Во Србија, антивладините протести, предводени од студенти, траат повеќе од девет месеци и со нив се бара одговорност од владата за смртта на 16 лица при падот на настрешницата на главната железничка станица во Нови Сад на 1 ноември.