Уставен ќе го испитува Протоколот потпишан со Бугарија
Уставниот суд на Северна Македонија оформи предмет во кој ќе го испитува Протоколот што земјава го потпиша во Република Бугарија на 17 јули 2022 година и беше потпишан во период кога се договори т.н. „француски предлог“ за одблокирање на пристапните преговори со Европската унија.
Од Уставен денеска (13 август) информираа дека во тек е постапка во која се испитуваат податоците и известувањата потребни за донесување на одлука.
Иницијативата со која се оспори Протоколот ја поднесе поранешната пратеничка и експретседателка на партијата ДОМ, Лилјана Поповска, која смета дека е спротивен на Уставот односно на основните слободи и права на човекот.
„Подносителката тврди дека Пртоколот има несоодветна форма и содржина, дека излегува надвор од рамките на правен акт кој обработува еден член од Договор меѓу две земји и произведува штетни дејствија врз идентитетските прашања за македонскиот народ, јазик и држава“, информираа од Уставниот суд.
Како што навела Поповска, таа смета и оти Пртоколот е противуставен бидејќи не е ратификуван во Собранието и не е објавен во Службен весник, а тврди и оти е спротивен на Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори.
„Во иницијативата е наведено дека Протоколот не е полноправен акт потврден од Параламентот туку останува само записник од состанок на Меѓувладина комисија“, велат од Уставен.
Она што го бара експратеничката од Уставен е да се поништи Проколот.
Протоколот беше потпишан во Софија за време на вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија меѓу Северна Македонија и Бугарија од страна на поранешните министри за надворешни работи на двете земји, Бујар Османи и Теодора Генчовска.
По потпишувањето, Османи тогаш кажа дека за земјава биле важни три работи и тоа: Протоколот да не биде дел од преговарачката рамка, македонскиот јазик да биде чист во комуникацијата со ЕУ и историските прашања да се надвор од преговорите.
На брифинг со новинарите, тој тогаш рече дека Протоколот „во својата правна суштина е записник од состанок“, во кој има дневен ред, преглед на политичкиот дијалог, средбите и активностите, потоа преглед на секторска соработка и на меѓуресорските работни групи, како и пет теми за кои двете држави треба да преземаат мерки. Петте теми се однесуваат на историјата, поддршка на ЕУ интеграцијата, говорот на омраза, територијалните претензии и рехабилитацијата на жртвите на репресија од комунистичкиот режим.
Наспроти тврдењата на тогашната власт, ВМРО-ДПМНЕ како опозиција, вклучително и актуелниот премиер Христијан Мицкоски, реагираа бурно споредувајќи го документот со капитулација.