ru24.pro
SlobodnaEvropa.mk
Август
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15
16
17
18
19
20
21
22
23
24
25
26
27
28
29
30
31

Најмалку 20 Палестинци загинале во израелски напади врз Газа

0

Најмалку 20 Палестинци биле убиени во серија израелски напади врз Појасот Газа во средта на 13 август, соопштија локални медицински извори.

Меѓу жртвите се седум лица кои биле убиени северозападно од градот Газа на пункт за дистрибуција на хуманитарна помош каде работеле како обезбедување. Уште седум лица, меѓу кои пет деца, биле убиени кога при воздушен напад бил погоден шаторот во кој престојувале.

Нападите се случуваат во време кога израелските сили најавуваат операција за преземање на градот Газа, што предизвика меѓународна осуда и предупредувања за потенцијални катастрофални хуманитарни последици.

Во посебен напад со беспилотно летало на северот на Појасот Газа, пак, загинало едно лице, додека петмина цивили биле убиени чекајќи помош јужно од долината на реката што тече низ централниот дел на Појасот, објави палестинската новинска агенција WAFA. Израелската војска соопшти дека ги истражува тврдењата.

Во текот на утрото на 13 август беа пријавени неколку воздушни напади, особено во Газа, а беа погодени и неколку објекти.

Смртоносни инциденти сè почесно се случуваат во близина на пунктовите за дистрибуција на помош управувани од Хуманитарната фондација Газа (GHF) којашто е поддржана од Израел и САД. GHF започна со операции во мај, по тримесечно прекинување на испораката на помош.

Војната започна на 7 октомври 2023 година, кога Хамас, кој е прогласен за терористичка организација од САД и ЕУ, изврши напад врз Израел, убивајќи околу 1.200 луѓе и заробувајќи повеќе од 250 лица кои потоа беа земени како заложници во Појасот Газа.

Оттогаш, повеќе од 61.700 Палестинци се убиени, според Министерството за здравство управувано од Хамас. Иако бројките не можат да бидат независно потврдени, Обединетите Нации ги сметаат за веродостојни.

Министерството тврди и дека повеќе од 1.850 луѓе загинале обидувајќи се да добијат помош, честопати преминувајќи активни борбени зони.

Безбедносниот кабинет на Израел, предводен од премиерот Бенјамин Нетанјаху, одлучи дека армијата треба да ја преземе контролата врз Газа, со можна цел да го елиминира Хамас. Временскиот рок за операцијата сè уште не е познат, но локалните медиуми наведуваат дека подготовките би можеле да траат околу две недели.