Едно лице убиено и неколку ранети во престрелка во Тетово, меѓу нив и малолетно девојче
Едно лице е убиено, а три лица се ранети во вооружена престрелка од возила во Тетово.
Меѓу ранетите лица е и едно малолетно девојче од Тетово кое е задржано на опсервација во тетовската Клиничка болница. Другите две лица со прострелни рани како итни случаи се пренесени во Клиничкиот центар во Скопје, информираше Секторот за внатрешни работи (СВР) Тетово.
Дополнително, повреден е и пешак – случаен минувач.
„Во престрелката од возилата повреден е и еден пешак А.С.(60) од Тетово, кој бил случаен минувач и бил пренесен во клиниките во Скопје“, велат од полицијата.
Според првичните податоци од СВР Тетово престрелката се случила околу 12:30 часот на крстосницата од улиците „Илинденска“ и „Благоја Тоска“. Таа била помеѓу лица од две возила кои направиле и сообраќајна незгода.
По сообраќајката и престрелката, двете возила го напуштиле местото – едното се упатило кон улицата „113“, а другото во непознат правец.
За првиот автомобил очевидци кажале дека било марка „форд фиеста“ со тетовски регистрации, по што полицијата направила проверка и констатирала дека станува збор за одјавени таблички од истото возило во сопственост на 19-годишно лице тетовското село Гајре.
Второто возило, пак, било пронајдено на друга локација и во него било телото на убиеното лице.
„На крстосницата од улица ’Благоја Тоска‘ со улица ’107‘ било пронајдено патничко возило ’фолксваген голф‘ со тетовски регистарски таблички, сопственост на Ф.Р.(46) од Тетово. Во возилото пронајдено е едно починато лице со прострелни рани од огнено оружје“, соопшти СВР Тетово.
За овој кривичноправен настан е формиран истражен тим со кој раководи јавен обвинител од Тетово и увидна екипа од тетовската полиција.
Сè уште, како што информираат оттаму, се врши увид на местото на настанот.