Осум децении од атомската бомба која го срамни со земја Нагасаки
Илјадници луѓе се собраа саботата (9 август) во Нагасаки за да ја одбележат 80-годишнината од атомското бомбардирање на градот, со предупредувања дека сегашните глобални конфликти би можеле да го свртат светот во нуклеарна војна.
Овој град во западниот дел на Јапонија беше срамнет со земја на 9 август 1945 година, кога Соединетите Американски Држави ја фрлија плутониумската бомба „Fat man“, која уби околу 27.000 луѓе од околу 200.000 жители.
До крајот на 1945 година, бројот на жртви од акутна радијација достигна околу 70.000.
Уништувањето на Нагасаки се случи три дена откако американската ураниумска бомба ја уништи Хирошима. Јапонија се предаде на 15 август, со што заврши Втората светска војна.
Градоначалникот на Нагасаки, Широ Сузуки, ги повика светските лидери да покажат конкретен пат кон укинување на нуклеарното оружје, предупредувајќи дека пролонгирањето „веќе не е дозволено“.
„Ова е криза на човечкиот опстанок што се надвиснува над секој од нас“, рече Сузуки, повикувајќи на решение засновано на меѓусебно разбирање и солидарност.
Претставници од 95 земји и територии присуствуваа на годишната церемонија во Меморијалниот парк на мирот во Нагасаки.
Меѓу нив беше и Русија, која го има најголемиот нуклеарен арсенал во светот.
Водечката јапонска организација за преживеани од атомска бомба, Нихон Хиданкјо, ја освои Нобеловата награда за мир минатата година за својата кампања за свет без нуклеарно оружје.
Во децениите по нападите, преживеаните, познати како „хибакуша“, честопати се соочувале со дискриминација поради гласини дека биле носители на болеста и дека нивните потомци би можеле да бидат заразени. Нивниот број падна под 100.000 за прв пат оваа година.
Јапонија, единствената земја што претрпела нуклеарни напади, ја изрази својата посветеност на нуклеарното разоружување, но не е потписник или набљудувач на договорот на ОН за забрана на нуклеарно оружје.