ru24.pro
SlobodnaEvropa.mk
Август
2025
1 2 3 4 5 6
7
8
9
10
11
12
13
14
15
16
17
18
19
20
21
22
23
24
25
26
27
28
29
30
31

Подобрен успех на државната матура од лани

0

Просечната оценка на успехот од полагањето на двата екстерни испита од државната матура во јуни е 3.69, се пофали денеска (5 август) министерката за образование Весна Јаневска. Таа изрази задоволство што успехот е поголем од минатата година кога просечна оценка беше 3.26 и бидејќи немало голем број препишувања.

Бројот на ученици „препишувачи“ е 172 и истите ќе имаат право да полагаат во августовскиот испитен рок. Поднесени се 507 приговори по сите предмети.

Министерката Јаневска се надева дека трендот на подобрен успех ќе продолжи и следната година, иако како што рече, уште многу работи во образовниот систем треба да се подобрат.

„Успехот зависи од наставниците и учениците, ние веќе подолго време водиме еден вид пропаганда во која велиме дека нивното знаење е нивно богатство и ете тоа вродува со успех. Инаку во образованието има што да се менува, ние почнавме од законската регулатива, донесовме подзаконски акти, правилници во кои им кажуваме на наставниците како треба да се работи, наставниците добиваат и ќе добиваат обуки заради промената на програмите, работиме на инфраструктурата, на нови учебници, секако дека има уште многу што да се направи, но задоволни сме од постигнатиот успех“, рече министерката за образование Весна Јаневска.

Директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ) Даниела Јовчевска-Михајловска смета дека подобрениот успех не се должи на полесни прашања, туку на поподготвени ученици.

„Нема лесни и тешки прашања, само има поподготвени ученици“, рече Јовчевска-Михајловска.

На полагање во јунскиот рок биле 15004 матуранти од сите видови образование (гимназиско, стручно, уметничко) и на сите наставни јазици. Околу 3 проценти не дошле на испитите.

Оние кои не го поминаа јунскиот испит, ќе имаат право да полагаат матурски испит во августовскиот рок. На 12 август е испитот по мајчин јазик (македонски, албански, турски, српски) и литература, а на 14 август е полагањето на изборниот екстерен испит (математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, италијански јазик, филозофија, естетика). Пријавени во овој рок се 265 ученици од гимназиско образование, 835 од стручните училишта и 18 ученици од средното музичко и уметничко училиште.

Во минатото, полагањето на државната матура неретко беше проследено со скандали. Имаше случаи кога беа откриени ученици кои за време на решавањето на тестовите користеле мобилен телефон, додека други беа фатени како препишуваат решенија по претходно добиени одговори на поставените прашања.

Инаку, според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), за годинашната матура беа пријавени 15 004 кандидати. Од нив, 8816 ученици се од средните стручни училишта, 5966 од гимназиите и 222 од училиштата за уметничко образование.

Првиот екстерен испит се одржа на 31 мај, а вториот испит, кој е изборен за учениците, се полагаше на 11 јуни.

Државната матура во нашиот образовен систем се спроведува од 2007 година, во јунска и во августовска испитна сесија. Единствен пат не беше организирана на крајот од учебната 2019/2020 година поради Ковид-пандемијата.

Со донесените измени на Законот за средно образование, од наредната учебна година ќе се примени нов концепт на државна матура кој предвидува полагање на посебна државна матура за стручно, за гимназиско и за уметничко образование.

Во меѓувреме, бројот на ученици во Македонија секоја година бележи намалување. На почетокот на учебната 2024/2025 година, во редовните основни училишта биле запишани 180 627 ученици, што претставува намалување од 0,8 отсто во споредба со минатата учебна година.