Косово покрена обвинение против српскиот функционер Игор Поповиќ
Специјалното обвинителство на Косово објави дека поднело обвинение до Основниот суд во Приштина против функционерот на Владата на Србија, Игор Поповиќ.
Тој беше обвинет за „поттикнување поделба и нетолеранција“.
„И.П. се изјасни за виновен за кривичното дело за кое се товари. Врз основа на тоа, Специјалното обвинителство на Република Косово, покрај обвинението, достави и спогодба за признавање на вина до Основниот суд во Приштина“, соопшти Специјалното обвинителство.
Обвинителството додаде дека Поповиќ намерно и јавно поттикнувал и ширел омраза и нетолеранција меѓу етничките групи за време на говорот одржан во Ораховац на 18 јули.
Обвинителството објави дека во својот говор Поповиќ употребил јазик што поттикнува раздор и омраза, велејќи: „Срби умираа тука во регионот на Ораховац, Метохија, Косово и Метохија затоа што се староседелци и имаат корени тука и не дозволуваат некој да ги прогласи за окупатори- странци и да ги протера од тука, од страна на ОВК - терористичка организација“, а потоа продолжи да апелира до граѓаните, наведувајќи: „Мора да бидеме горди на храброста на жртвите и браќата што останаа тука и што се трудиме Велика Хоча и Ораховац да останат српски“, се наведува во соопштението.
По говорот во Велика Хоча, Поповиќ беше приведен од косовската полиција на граничниот премин Брњак, кој го поврзува Косово со Србија и беше приведен во полициски притвор 48 часа.
Потоа, на 20 јули, Основниот суд во Приштина му изрече едномесечен притвор. Адвокатот на Поповиќ поднесе жалба, но второстепениот суд ја потврди наредбата за притвор.
Властите во Србија го осудија апсењето на Поповиќ, нарекувајќи го „политичка одлука“ и бараат негово ослободување.
Српскиот претседател Александар Вучиќ го предупреди Косово на „непредвидливи последици“. Вршителот на должноста премиер на Косово, Албин Курти, ја опиша оваа изјава како закана, повикувајќи ја Меѓународната заедница да реагира.
Ослободителната војска на Косово (ОВК) беше политичко-воена организација која се бореше за ослободување на Косово од српската власт во периодот од 1990 до 1999 година.
Специјализираните совети на Косово во Хаг истражуваат воени злосторства за кои се сомнева дека ги извршиле членови на ОВК против етнички малцинства и политички соперници од јануари 1998 до декември 2000 година.
За време на војната во Косово во 1998/99 година, повеќе од 13000 цивили беа убиени, додека илјадници други исчезнаа.
Околу 1600 луѓе, претежно Албанци, сè уште не се пронајдени.
Со текот на годините, судските институции во Косово обвинија или осудија неколку лица за воени злосторства. Курти претходно изјави дека Србија сè уште не се извинила за злосторствата извршени во Косово.