Велика Британија се заканува со затвор за криумчари кои се рекламираат на социјалните мрежи
Криумчари на луѓе кои ги користат социјалните медиуми за да ги промовираат своите услуги на мигрантите кои сакаат нелегално да влезат во Велика Британија би можеле да се соочат со пет години затвор, најави британската влада.
Лабуристичката влада на премиерот Кир Стармер е под силен политички и јавен притисок да го намали бројот на мигранти кои нелегално пристигнуваат во мали чамци од Франција.
Повеќе од 25.000 луѓе го направиле преминот досега оваа година.
Анализата на Министерството за внатрешни работи покажа дека околу 80% од мигрантите кои пристигнуваат со мали чамци ги користеле социјалните медиуми за време на нивното патување за да пронајдат или да комуницираат со шверцери на луѓе.
Според новите измени на законите луѓето кои објавуваат онлајн за да рекламираат услуги што олеснуваат кршење на законите за имиграција ќе се соочат со парични казни и затворски казни до пет години.
Олеснувањето на нелегалната имиграција во Велика Британија веќе е кривично дело, но владата соопшти дека нејзиниот последен план ќе и даде на полицијата уште една опција за да ги спречат криминалните банди кои профитираат од организирање на премините.
Минатиот месец, владата воведе нов режим на санкции што ѝ овозможува да замрзне средства, да воведе забрани за патување и да го блокира пристапот до финансискиот систем на земјата за поединци и субјекти вклучени во овозможување на нерегуларна миграција.