Вкупно 12 години затвор за тројца обвинети за напад врз косовската Изборна комисија
По пет години затвор добија двајца од обвинетите, Милун Миленковиќ и Александар Влајиќ, за нападот врз просториите на Општинската изборна комисија во Северна Митровица во декември 2022 година. Уште еден обвинет, Дејан Пантиќ, беше осуден на двегодишна затворска казна.
Поради недостаток на докази, пак, еден обвинет – Миомир Вакиќ, беше ослободен од обвинение.
Ваквата пресуда денеска, 28 јули, ја изрече Основниот суд во Приштина.
Ниту еден од обвинетите не беше присутен на изрекувањето.
За овој случај, кон средината на декември 2023 година косовското обвинителство поднесе обвинение за терористички акт, обвинувајќи ги лицата за извршување напад со рачни гранати и шок бомби врз просториите на Централната изборна комисија (ЦИК) „со цел дестабилизација или уништување на основните политички и уставни структури на Република Косово“.
Исто така, со обвинението се тврдеше и дека животите на вработените во ЦИК и полицајците биле сериозно загрозени во таа пригода.
На првото рочиште, одржано кон крајот на јануари минатата година, сите обвинети се изјаснија за невини.
Миленковиќ и Влајиќ се наоѓаат се во притвор, додека Вакиќ и Пантиќ се бранеа од слобода.
Адвокатите на одбраната ги изнесоа своите завршни зборови во петокот, во кои нагласија дека обвинението делумно се базира на комуникација преку апликацијата Вибер, и ја негираа вината на нивните клиенти.
Порталот „Заклетва за правда“, кој редовно ги следи судењата, објави дека адвокатот Љубомир Пантовиќ рекол оти сите докази врз кои се заснова обвинението се базираат на полициски извештаи и документи, и дека нема конкретен опис на какви било дејствија.
Кои се обвинетите за тероризам?
На 6 декември 2022 година, во просториите на Општинската изборна комисија во Северна Митровица беа фрлени две експлозивни направи, од кои едната експлодираше.
Поради овој случај, Дејан Пантиќ, поранешен припадник на косовската полиција, беше уапсен на 9 декември на преминот Јариње, што предизвика криза во северно Косово и поставување барикади од страна на Србите.
Барикадите беа отстранети на 29 декември откако судот дозволи Пантиќ да биде пуштен во домашен притвор.
Во меѓувреме, на 13 јуни 2023 година, Милун Миленковиќ – Луне беше уапсен во Северна Митровица, што беше причина да се слушнат сирените за тревога, а граѓаните да се соберат во градот. Во периодот на тензии во северно Косово, сирените за тревога се вклучуваа кога од локалното население беше барано да организира настан односно кога организирани групи луѓе излегуваа на улиците, затвораа продавници, аптеки, деловни простории или организираа барикади.
Не беше познато кој ги управуваше, а во декември 2023 година, косовската полиција објави дека конфискувала сирена за јавен аларм со шест засилувачи во Северна Митровица.
Александар Влајиќ беше уапсен под сомнение за собирање и доставување класифицирани информации до Српската безбедносно-разузнавачка агенција (БИА).
Тој беше обвинет во посебен случај за шпионажа, за што беше осуден на пет години затвор на почетокот на јуни. Влајиќ се изјасни за виновен за шпионажа, но го негираше нападот врз Централната изборна комисија.
За време на судењето, обвинителството изјави дека има докази дека Миомир Вакиќ, исто така, учествувал во нападот и презентираше пораки што ги разменил со обвинетиот Дејан Пантиќ, имено дека на пораката од Пантиќ дека „таму се тресат круши“, тој одговорил со „фрли им јаболко“.
Обвинителството тврдеше дека овој кодиран јазик алудирал на локацијата на полицијата и фрлањето бомби.