ru24.pro
SlobodnaEvropa.mk
Июль
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27
28
29
30
31

Скопје одбележува 62 години од катастрофалниот земјотрес

0

Скопје денеска ја одбележува 62. годишнина од катастрофалниот земјотрес што на 26 јули 1963 година го разурна градот, однесе 1.070 човечки животи и повреди околу 3.000 лица. Над 200.000 луѓе останаа без покрив, беа урнати речиси 16.000 станови, а оштетени уште 28.000.

Во знак на сеќавање, денеска во 10 часот делегации од Собранието и од Градот Скопје положија цвеќе на Споменикот на загинатите во земјотресот на градските гробишта Бутел. Вечерва во 20 часот, во Музејот на град Скопје ќе биде отворена изложбата „Скопје за време на земјотресот и потоа“, поставка од траен карактер што ќе биде достапна за сите посетители.

Земјотресот се случи во 5 часот и 17 минути изутрина, со јачина од 6 степени според Рихтеровата и 9 степени според Меркалиевата скала. Епицентарот бил на плоштадот „Македонија“. Старата железничка станица, денешен Музеј на Град Скопје, сè уште го носи трагичниот белег — часовникот е сопрен точно на 5:17.

Трагедијата предизвика глобална солидарност. Обединетите нации, Меѓународниот Црвен крст, Интерпарламентарната унија и бројни влади и организации од целиот свет испратија хуманитарна и финансиска помош.

На 14 октомври 1963 година, Генералното собрание на ОН едногласно усвои резолуција за помош на Југославија за обнова на Скопје. Тој ден остана запишан во историјата на ОН како „ден на Скопје“.

Обновата на градот беше симбол на надеж и меѓународна соработка, а дел од визијата за новото Скопје произлезе од проектите на познатиот јапонски архитект Кензо Танге.

Историјата сведочи дека ова не е првпат Скопје да биде разурнато од земјотрес. Во 518 година, римскиот град Скупи бил целосно уништен, а во 1555 година уште еден силен потрес повторно го разрушил градот. Но, секогаш по катастрофите, Скопје повторно се издигнувал.