Мицкоски ќе предложи синдикалната минимална кошничка да биде поделена во пет сегменти
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека интензивно работи со професори и со министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши за преземање мерки за намалување на цените на производите, како и на предлог за нови анализи за потрошувачката кошничка.
Мицкоски очекува наскоро да биде закажан Економско-социјалниот совет (ЕСС), а на состанокот ќе се разговара и на темата за потрошувачката кошничка.
„На тој Економско-социјален совет претставниците на синдикатите, на работодавачите и Владата ќе разговараат и за потрошувачката кошничка, којашто мислам дека треба да биде поделена во пет сегменти: потрошувачката кошничка за самец, потрошувачка кошничка за млад брачен пар, за трочлено семејство, за четири члено семејство и потрошувачка кошничка за пензионери. Мислам дека треба во иднина да опфатиме анализа на пет потрошувачки кошнички, затоа што потребите на луѓето се според возраста, се разбира. Но, исто така потребите на луѓето се во зависност од бројноста, како е сочината една заедница“, изјави премиерот Мицкоски.
Премиерот додаде дека ова ќе биде неговиот предлог на Економско-социјалниот совет, а доаѓа по средбите и разговорите со академската фела.
„Мислам дека е добар за разгледување и за дебата на тој Економско-социјален совет, да имаме неколку потрошувачки кошнички, бидејќи потребите на еден пар пензионери не е ист како на еден млад брачен пар, или пак на трочлено и на четири члено семејство или пак на самец. Јас немам проблем да направиме една ваква темелна анализа, бидејќи само со повеќе анализи, со повеќе податоци можеме да дојдеме до подобри резултати“, вели Мицкоски.
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска објави дека вредноста на синдикалната минимална кошница за домаќинство за јули 2025 година изнесува 65.328 денари и е зголемена за 630 денари во однос за јуни кога изнесуваше 64.698 денари.
Според опозицискиот СДСМ, зголемувањето на синдикалната минимална кошничка е нов удар за граѓаните. Животот станува уште поскап, инфлацијата притиска, а куповната моќ на граѓаните е срушена, оценуваат од партијата.
„Овие поразителни бројки се резултатот од една година владеење на ВМРО ДПМНЕ – целосно промашена, аматерска економска политика. Ова е показател за целисниот дебакл на економските политики на Владата. Со ВМРО-ДПМНЕ граѓаните од ден во ден стануваат се посиромашни. Не само што немаат план како да се справат со растечката инфлација, туку упорно не прифаќаат ниту еден предлог што го понуди СДСМ за намалаување на цените и зголемување на платите“, се вели во партиското соопштение.