ru24.pro
SlobodnaEvropa.mk
Июль
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15
16
17
18
19
20
21
22
23
24
25
26
27
28
29
30
31

На саемот во Нови Сад полагање испити со полициски кордон и протест на студентите во блокада

0

Студентите кои го блокираа Правниот факултет во Нови Сад организираа собир пред новосадскиот саем, со цел да го спречат одржувањето на најавениот испит пред зградата на факултетот во кој има приватно обезбедување и полициски кордон.

Студентите и граѓаните кои се собраа на нивниот повик во понеделник, 14 јули, блокираа еден влез, додека професорите и оние кои дојдоа да полагаат испити влегоа низ другите, кои беа отворени.

Припадници на полициската интервентна единица во опрема за растурање на демонстрациите беа распоредени на неколку влезови.

Обезбедувањето на новосадскиот саем им забрани на новинарите да влезат во просториите каде што се одржуваа испитите.

Студентите што го блокираа Правниот факултет претходно изјавија дека не сакаат да полагаат испити со приватно обезбедување и дека сакаат да го одбранат интегритетот на својот факултет.

Тие му рекоа на менаџментот на нивниот факултет дека не сакаат да „глумат нормалност“ и дека нивната борба сè уште трае.

Од декември 2024 година, студентите ја блокираат работата на државните факултети низ целата земја.

Тие бараат, пред сè, утврдување на политичка и кривична одговорност за смртта на 16 лица при падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, како и распишување вонредни парламентарни избори.

Смртта на луѓе во Нови Сад предизвика бран протести предводени од студенти во земјата.

Демонстрациите станаа симбол на пошироко незадоволство од владеењето на правото во Србија - заедно со прашањето дали небрежноста и корупцијата на системот довеле до несреќата во Нови Сад.