ru24.pro
SlobodnaEvropa.mk
Июль
2025

Двојно убиство и самоубиство во Прилеп

0

Татко и син се убиени, а убиецот се самоубил ноќеска во Прилеп. Според првичните сознанија, 63-годишен прилепчанец го убил својот 43-годишен внук од сестра и неговиот 13-годишен син, поради семејни недоразбирања и нерасчистени имотни прашања, а потоа се самоубил.

„Таткото и синот отишле во куќата на вујкото на улицата 'Стеван Апостолоски' околу 15 до 16 часот. Освен вујкото немало никој друг во куќата. Инаку, претходно вујкото му ја препишал куќата на внукот. Не се знае што се случувало наредните часови само се знае дека таткото и 11-годишниот син биле убиени со пиштол пред да стигне полицијата околу 22 часот. Ова е утврдено зашто соседите слушнале истрели“, соопшти јавниот обвинител Стевчо Биноски кој направи увид на местото на трагедијата.

Сопругата на убиениот викнала полиција откако се загрижила бидејќи со часови ги немало нејзиниот сопруг и син. Полицијата пристигнала пред куќата околу 22 часот.

„По наредба од јавен обвинител, полициски службеници со употреба на сила ја отвориле вратата и кога влегле во куќата едно лице фрлило бомба кон нив која почнала да чади, но не експлодирала. Откако полициските службеници излегле од куќата, било пукано кон нив, при што од полициските службеници било возвратено со пукање од службено оружје кон куќата. Денеска (13.07.2025) во 01.35 часот од страна на лекар од Итна медицинска помош констатирана била смрт како последица од повреди од огнено оружје кај П.Ч., П.Ѓ. и 13-годишен малолетник“, соопштија од Министерството за внатрешни работи.

Јавниот обвинител Биноски вели дека околу еден часот по полноќ трите мртви тела биле пронајдени од припадници на единицата Тигри кои биле ангажирани од полицијата.

Наредена е обдукција на телата.