Седум активни пожари, четири под контрола и 27 изгаснати
До 7:30 часот денеска (11 јули) има вкупно 38 пожари на отворен простор низ државава, од кои седум се активни, четири се под контрола и изгаснати се 27 пожари.
Како што соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК), активни се пожарите во: Општина Чучер Сандево - помеѓу селата. Блаце и Горњани, место викано Рамна шума (шумски пожар); Општина Прилеп - село Бешиште, место викано Бешишки Рид (приземен во мешана шума); Општина Македонски Брод - помеѓу селата Црешнево и Локвица (деградирана дабова шума и грмушки); Општина Македонски Брод - село Крапа (нискостеблеста шума); Општина Дојран: село Николиќ (нискостеблеста шума); Општина Чашка - под Солунска Глава, помеѓу Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (само чад, карпест терен) и во Општина Тетово: кај бензинска пумпа „Окта Петрол“ (нива).
Од четирите пожари што се ставени под контрола, три се на територијата на Општина Македонски Брод: село Рамне – село Ковче (ниска вегетација, проширен од фабриката Самоков); село Слатина (мешана шума); и Слатина (нискостеблеста мешана шума), како и во Општина Делчево - Градска депонија Острец (депонија).
За справување со пожарите во летниот период, Владата овој месец најави вработување на 400 пожарникари.
Во функција се ставени 38 стари армиски и полициски возила кои биле неупотребливи и расходовани, за да се интервенира на тешко пристапни места.