ru24.pro
World News in Macedonian
Февраль
2026

Претседателката Сиљановска-Давкова за утре го свика Советот за безбедност

0

По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска - Давкова за утре - 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.

Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска - Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

Согласно последниот развој на безбедносната состојба таму, претходно денеска Министерството за надворешни работи и надворешна трговија формираше кризен штаб кој како што соопштија оттаму, континуирано ја следи состојбата и е достапен 24 часа дневно за сите потреби поврзани со помош, поддршка и асистенција на македонските државјани.

Министерството апелира до сите македонски државјани кои се наоѓаат во погодените подрачја внимателно да ги следат официјалните известувања на надлежните институции и строго да постапуваат согласно безбедносните протоколи.

Воедно, се препорачува одложување на сите ненeопходни патувања кон земјите од овој регион сè до подобрување на безбедносната состојба.

-Министерството, со сите свои капацитети и преку дипломатско-конзуларните претставништва, останува целосно на располагање на македонските државјани и ќе продолжи навремено да ја информира јавноста за сите релевантни информации и понатамошни насоки, наведуваат од Министерството.

Воедно, ги потсетуваат нашите државјани дека во случај на потреба од помош или дополнителни информации можат да се обратат на следните контакти:

Министерство за надворешни работи и надворешна трговија, Тел: +389 75 273 732 / +389 75 268 736

Е-пошта: globalsos@mfa.gov.mk .

Од Министерството информираа и дека 11 македонски државјани досега побарале евакуација од Израел.