Македонци на „фармацевтски туризам“ во Косово и во Србија за поевтини лекови
„До Елез Хан, по лекови...“, е реченица што ја слушаат граничарите на граничниот премин Блаце меѓу Северна Македонија и Косово, особено во викенди, кога ќе прашаат македонски државјани каде одат во Косово.
Елез Хан е првиот град од косовска страна, на само пет - шест километри по границата и е честа рута за македонски граѓани за поевтини лекови, според сведоштва што граѓани ги споделија со Радио Слободна Европа (РСЕ).
Други, се возат 35-40 километри до Урошевац, па комбинираат „шопинг“ и лекови заедно.
На другата страна, преку преминот Табановце на границата со Србија, дестинацијата за лекови е градот Врање.
Во државата нема официјални бројки за тоа колку Македонци купуваат лекови во други држави, што им се месечни терапии и колкава сума по оваа основа се „одлева“ од државата.
Но, граѓани сведочат дека праксата е честа и дека главните дестинации се Косово и Србија. Станува збор за лекови за срце, за тромбоза, астма, за такви што во Северна Македонија или не се на позитивната листа и Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) не ги субвенционира, или се скапи или едноставно ги нема во аптеките. Па, иако лекот го препишува доктор, пациентот треба да го купи приватно.
„По лекови одам почесто отколку што сакам. Лекот ми е на рецепт, ама го плаќам целосно. И кога ќе ми кажат колку чини месечно, ми доаѓа да плачам. Во Србија е поевтин“, вели Милан С.(48) од Скопје, кој е на терапија поради кардио - васкуларно заболување.
Пациенти, аптекари во македонски аптеки и лекари потврдуваат дека „фармацевтскиот туризам“ станува секојдневие за бројни македонски граѓани.
Исти лек - двојна разлика во цената
„Ксарелто“ од 15 милиграми е лек што 60 - годишниот скопјанец Драган М. Треба да го пие секој ден по операција на нога поради венска тромбоза. Се користи за третман и превенција од згрутчување на крвта.
Но, Драган вели дека иако лекот му го дал доктор, на рецепт, може да го купи само приватно бидејќи не е на позитивната листа на лекови. Цената во аптеките е 2.907 денари за една кутија.
За истите пари, во Косово би купил 2,5 кутии од истиот лек. Таму ги набавил за 20 евра, односно по 1.200 денари.
Но, проверката на РСЕ во аптеки во Косово покажа дека истиот лек може да се најде и за 13.58 евра по кутија.
„Последниот пат земав четири кутии, ми ги донесоа од Приштина и ме чинеа околу 5.000 денари. Во нашите аптеки за истите пари можев да земам само две кутии“, вели Драган за РСЕ.
Во Србија, „ксарелто“ од 15 мг е од 2.227 до 2.382 денари, во зависност од аптеката. Или - и во двете соседни држави е поевтин отколку во Северна Македонија.
На Марина В. од Скопје, пак, докторот ѝ препишал „салофалк 500“, лек за колитис, воспалителна болест на цревата. Треба да го пие доживотно затоа што терапијата го држи воспалението под контрола. Лекот оди на товар на ФЗОМ, но во последните три години, набавката ѝ е редовен проблем. .
.„Често е дефицитарен и редовно ( по неколку пати во годината ) барам некој од Србија да ми донесе количина. Го земам без рецепт. За чудо, кај нас е поевтин од Србија, но е дефицитарен. Залудно е на позитивна листа кога го нема“, вели Марина за РСЕ.
Во српски аптеки, „салофалк 500“ чини од 1.080 до околу 1.340 денари.
Пензионерката Драгица Б. користи спреј за инхалација „спиолто респимат “ – терапија за одржување кај пациенти со ХОББ. Го купува приватно, од аптеки во Урошевац, по околу 1.500 денари. Во Северна Македонија е околу 2 .600 денари.
Пресметка од Заводот за статистика, направена за Радио Слободна Европа (РСЕ), покажува дека учеството на трошокот за лекови во вкупните годишни трошоци за живот незначително варира во последните четири години.
Или, трошокот за лекови на едно семејство за 2025 е зголемен за 2,65 отсто во споредба со 2024, што е помалку во споредба со зголемувањата од претходните три години.
Мал пазар, увозни трошоци, различни даночни стапки
Но, тоа што бројките не го покажуваат, го сведочат лекари и вработени во аптеките, кои се првиот контакт со пациентите кои купуваат лекови.
Лекар од интернистичка ординација со повеќе специјалности во Тетово ни рече дека и од негови пациенти често слуша дека лекот што ќе им го препише, го купуваат од Косово.
„Свесни сме дека лекови што ги даваме се скапи, како што е „ксарелто“. Други па и ги нема секогаш, а ги препишуваме, на пример „ентресто“ за срцева слабост. Ние му даваме на пациентот што е најдобро за него, а тој од каде ќе го набави, е негова одлука. Но да, слушаме од пациенти дека ако лек ја нас чини 50 евра, во Косово може да чини 20 евра“, ни рече лекарот кој побара да остана анонимен.
Весна Ставрова, претседателка на Фармацевтската комора на Македонија, вели дека проблемот со високите цени е сериозен товар за граѓаните кои секојднево доаѓаат во аптеките и реагираат во врска со повисоките цени на одредени препарати.
„Кога лекот не е на позитивна листа, граѓаните го плакаат по пазарна цена која често е повисока отколку во соседните земји. Причината е што сме мал пазар што ја намалува преговарачката моќ на државата со големите фармацевтски гиганти и за сите лекови кои се увезуваат, увозните трошоци како што се трошоци за транспорт царина и маржи ја зголемуваат цената“, вели Ставрова за РСЕ.
Таа вели дека често се случува истиот лек да биде поевтин во соседните држави и заради различни даночни стапки.
Недостигот на одредени лекови на фармацевтскиот пазар, пак, според Ставрова, се должи на што најверојатно нема активна супстанца за производство, на зголемени царински трошоци за лекови што се увезуваат, или на административни и тендерски пречки.
Некогаш, пак, производителот нема комерцијален интерес да регистрира одредени лекови кај нас или да ги одржува во континуирана прожба.
Како се одредуваат цените на лековите
Ценовната политика на лековите ја „крои“ Министерството за здравство, врз основа на Методологија за формирање цени на лекови. За достапноста на лекови, пак, надлежна е Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД).
Министерството го утврдува максималното ниво на цената на секој лек во прометот на големо, преку компаративна анализа на цената на лекот во пет референтни земји од регионот - Словенија, Хрватска, Србија, Бугарија и Грција.
Просекот од две земји кои во анализата покажуваат дека имаат најниска просечна цена за тој лек од сите присутни производители во прометот во таа земја, се определува како максимална цена во Северна Македонија.
Притоа, за аптеките е пропишана фиксна маржа. Таа е 20 отсто, 25 отсто или 28 отсто, максимално до 1.200денари, во зависност од висината на големопродажната цена на секој лек.
Аптеките не ги одредуваат маржите на лековите.
Лековите на товар на државата имаат исти цени во сите аптеки.
Од Министерството велат дека не се зголемени цените, ниту на лековите што одат на товар на ФЗО ниту на тие што граѓаните ги купуваат приватно.
Но, велат и дека „Македонија е земја со мал пазар и се случува компаниите да испорачуваат еден ист лек по различна цена во различни земји, во зависност од потребните годишни количини, бројот на пациенти, условите што ги диктира пазарот, но и начинот на плаќање“.
Аптекари во Белград со кои разговараше РСЕ официјално не сакаат да зборуваат за праксата Македонци да купуваат лекови во Србија. Но, веќе има новинарски текстови дека од истата причина, во Србија доаѓаат и државјани на Босна и Херцеговина.
Главната причина би можела да биде тоа што Србија е поголем пазар, помали се маржите и данокот на ДДВ, поради што лековите често се за 30 до 50 отсто поевтини од околни земји.
Како поголем пазар, Србија има и големи дистрибутери што овозможува пониски цени, а и државата во одредени случаи ги субвенционира цените на некои основни лекови.
Се чека ново проширување на позитивната листа
Позитивната листа на лекови последен пат беше проширена во септември 2024 година, со девет нови генерици, и тоа по десет години од последното ажурирање на листата во 2014 година кога беше збогатена само со еден нов лек.
Сашо Клековски, директор на ФЗОМ, најави дека во 2026 година трипати ќе биде проширена позитивната листа на лекови - со фокус на лекови за кардиоваскуларни заболувања, кои се причина за околу 60 отсто од смртните случаи во земјава.
Еден од нив е токму лекот „ксарелто“, што Македонци го купуваат во Косово двојно поевтино отколку кај нас. Од Министерството за здравство велат дека овој лек е еден од приоритетите да се стави на позитивната листа на лекови во 2026. Но, финална одлука треба да донесе Управниот одбор на ФЗОМ.
Одлуката пак, зависи „од расположивите средства наменети за нови лекови на позитивната аптекарска листа, така што за осигурениците би се обезбедил достапен лек што ќе биде со утврден надоместок од државата, а пациентот ќе има право на избор на лек“, велат од Министерството за здравство.
И од ФЗОМ велат дека овој лек е предмет на постапка согласно предвидената процедура и се очекува да биде разгледан за вклучување, доколку се исполнат условите и постапката биде финализирана.
„Фондот како финансиер на здравствените услуги силно поддржува мерки и реформи за поголема достапност на лекови со фер цени и пониски трошоци за пациентите“, велат од Фондот до одговорот за РСЕ.
Голем товар за домаќинствата
Светската здравствена организација (СЗО) во извештај објавен 2022 година, под наслов „Здравствени системи во акција: Северна Македонија“ нотирала дека во Северна Македонија и натаму има високи трошоци за здравствена заштита, што се должат главно на приватни плаќања за лекови.
„Постои голема зависност од плаќања од џеб, што претставуваше 40,4% од вкупните трошоци за здравство во 2019 година, еден од највисоките удели во Југоисточна Европа. Следствено, катастрофалните трошоци за здравство остануваат проблем, особено за посиромашните домаќинства, и во голема мера се водени од плаќања од џеб за амбулантски лекови“, пишува во извештајот.
Во последниот извештај на Европската комисија, пак, за напредокот на Северна Македонија, се вели дека трошоците за здравствена заштита што луѓето ги плаќаат сами се 41,7 отсто од вкупните трошоци поврзани со здравството, што претставува пречка за еднаков пристап до здравствена заштита. Се нотира и дека „се планирани повеќе буџетски средства и нови лекови за лекување ретки
болести, но тие остануваат доволни само за околу една третина од регистрираните пациенти“.
Соработници на текстот: Трим Халити и Зоран Главониќ
