Една оставка и илјадници демонстранти на трет ден протест во Сараево по несреќата со трамвајот
Протестите во Сараево продолжија и во недела, трет ден по ред, по трагичната трамвајска несреќа во која загина 23-годишниот Ердоан Моранкиќ.
Во недела попладне, поради растечкото незадоволство за време на протестите, премиерот на Сараевскиот кантон поднесе оставка, а возачот на трамвајот Аднан Касаповиќ беше ослободен откако Кантонскиот суд во Сараево го отфрли барањето на Обвинителството на Сараевскиот кантон за определување притвор.
Ден претходно, обвинителството побара едномесечен притвор, тврдејќи дека причина за несреќата е „човечки фактор“. За време на рочиштето, возачот се изјасни за невин и изјави дека несреќата е предизвикана од техничка неисправност на трамвајот.
Несреќата се случи на 12 февруари во близина на Националниот музеј на Босна и Херцеговина, кога трамвај излета од шините и ја урна трамвајската постојка, при што загина едно лице, а неколку други беа повредени.
Медиумите објавија и вознемирувачки снимки од моментот кога трамвајот излета од шините, дополнително интензивирајќи го јавното негодување и барањата за одговорност и безбедносни реформи.
Обвинителството на Сараевскиот кантон спроведува истрага со која досега е запленета документација од GRAS, а извршен е увид на самото место во трамвајот во присуство на механички, сообраќајни и електрични експерти.
Организаторите најавија нов собир за понеделник.
Полициската управа на Сараевскиот кантон објави дека за време на протестот се приведени пет лица - еден возрасен маж и четири малолетници. Кај нив се пронајдени нелегални предмети, вклучувајќи пиротехнички средства, предмети што можат да предизвикаат повреди и облека капи со кои се прикриваат лицата. Против нив ќе бидат преземени законски мерки.
Денешниот собир го организира младинската група „Не ја врти главата“, која ги започна првите протести на 13 февруари. Во нов повик, тие рекоа дека „нема изговори“ и дека „сите мора да се појават на улиците“.
