ru24.pro
World News in Macedonian
Январь
2026
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17
18
19
20
21
22
23
24
25
26
27
28
29
30
31

Грчки суд ослободи хуманитарни работници од обвиненија за шверц со мигранти

0

Дваесетина хуманитарни работници вклучени во спасување бегалци во Грција беа ослободени од обвиненија за шверц со мигранти во повеќегодишен случај за кој групите за човекови права го оценија како неоснован обид да се забрани помошта за бегалците што се упатуваат кон Европа, јави Ројтерс.

Земјите од Европската Унија(ЕУ), вклучително и Грција - каде што повеќе од еден милион луѓе пристигнаа на брегот за време на бегалската криза во Европа во 2015 и 2016 година - ги заоструваат правилата за миграција како што десничарските партии добиваат предност во земји од ЕУ.

На судењето на егејскиот остров Лезбос, 24 обвинети се соочија со обвиненија за вмешаност во криминална група што го олеснувала нелегалниот влез на мигранти, како и за перење пари поврзано со финансирање на нивната организација.
Обвинетите беа поврзани со Меѓународниот центар за итни интервенции, непрофитна група за пребарување и спасување која работеше на Лезбос од 2016 до 2018 година.

Меѓу нив беше и Сара Мардини, една од двете сириски сестри кои спасија бегалци во 2015 година со тоа што го извлекоа нивниот чамец што тонеше и чија приказна го инспирираше популарниот филм „Пливачите“ на Нетфликс од 2022 година и Шон Биндер, германски државјанин кој од 2017 година волонтира за Меѓународниот центар за итни интервенции (ЕРЦИ), грчка непрофитна организација позната по обезбедување хуманитарна помош и итен одговор, особено за мигранти и бегалци.

Двајцата беа уапсени во 2018 година и поминаа повеќе од 100 дена во притвор.
Судот ги отфрли сите обвиненија со пресуда која адвокатот на одбраната, Закаријас Кесес, ја нарече „храбра“, но и дека била дочекана со „горчливо-слатко олеснување“.

Иако обвиненијата беа неосновани, рече Кесес, грчкиот судски систем го одложи решавањето на случајот, што доведе до тоа стотици луѓе да се повлечат од активности за хуманитарна помош.

„Потребни беа 2.897 дена за да се спроведе правда и да се сруши лажниот наратив на властите. Најголемиот случај на криминализација на хуманитарната помош беше изграден врз прирачник за нечовечност“, изјави Кесес за Ројтерс.

Во последниве години, Грција го заостри ставот кон мигрантите. Од 2019 година, централно-десничарската влада ги засили граничните контроли со огради и со морски патроли.

„Грчките власти треба да престанат да ја криминализираат солидарноста и да дадат приоритет на спасувањето животи“, рече Ева Косе, виш истражувач во одделот за Европа и Централна Азија во организацијата „Хјуман рајтс воч“ нарекувајќи ги судските гонења „злоупотребливи“.

Грција, која неодамна забележа стрмен нов пораст на пристигнувања мигранти од Либија, вели дека ги почитува меѓународното право и човековите права.