Избори во Косово: Самоопределување на Курти освои над 51 отсто од гласовите
Партијата Самоопределување победила со повеќе од 51 процент од гласовите на предвремените парламентарни избори во Косово одржани на 28 декември, покажаа податоците од Централната изборна комисија (ЦИК) која го заврши пребројувањето на гласачките ливчиња.
Портпаролот на ЦИК, Валмир Елези, изјави дека партиите може да поднесат жалби во рок од 48 часа.
Последната група гласачки ливчиња што требаше да се пребројат беа оние испратени по пошта.
Токму за гласовите испратени по пошта, Демократската партија на Косово поднесе жалба барајќи пребројување на илјадниците гласови што пристигнале од дијаспората.
Според резултатите на ЦИК, Самоопределување на Албин Курти на изборите го постигна својот најдобар изборен резултат досега, освојувајќи 486.994 гласови или 51,1 процент. Ваквиот резултат значи 57 места во 120-члениот парламент.
Втора партија на изборите е Демократската партија на Косово, со 20,19 проценти од гласовите или 22 пратенички мандати.
Демократската лига на Косово освои 13,23 проценти од гласовите, што ѝ дава 15 места во законодавниот дом.
Алијансата за иднината на Косово со 5,5 проценти од гласовите ќе има шест пратеници.
Српската листа, главната српска партија во Косово блиска до официјален Белград, ќе има девет од десетте загарантирани места за српската заедница.
Партијата за слобода, правда и опстанок на Ненад Рашиќ ќе биде застапена со еден претставник од српската заедница.
Останатите десет места загарантирани за несрпските малцински заедници се распределени меѓу неколку партии и коалиции.
На изборите на 28 декември на гласање излегоа 45 проценти од гласачите.
Партијата Самоопределување најави планови за брзо формирање влада откако ќе бидат потврдени резултатите од изборите.
Предвремените парламентарни избори во Косово беа резултат на несогласувања и конфликти меѓу политичките партии, кои не успеаја да го конституираат Собранието и да изгласаат влада по изборите што се одржаа во февруари минатата година.
