ru24.pro
World News in Macedonian
Январь
2026
1 2 3 4 5 6 7 8 9
10
11
12
13
14
15
16
17
18
19
20
21
22
23
24
25
26
27
28
29
30
31

Нова дводневна блокада на грчките земјоделци на граничните премини „Богородица“ и „Меџитлија“

0

Од 10 часот по македонско време (11 часот по локално грчко време), грчките земјоделци ќе го затворат граничниот премин „Ники“ - односно „Меџитлија“ кон Северна Македонија.

Еден час подоцна, во 12 часот, ќе се блокира и преминот „Евзони“ - „Богородица“ од македонска страна (кај Гевгелија). Ова е дел од 48-часовната акција на блокади, во која ќе бидат блокирани целата национална патна мрежа, споредните патишта, клучните сообраќајни правци во Грција, како и граничните премини.

Блокадата со трактори на „Евзони“ започна на 1 декември, вчера се зајакна со возила од четири околни места. Според информациите на државната агенција МИА, земјоделците од 12 часот денеска ќе го блокираат сообраќајот за сите возила на премините кон Грција – траењето сè уште е непознато, бидејќи одлуките ги носат на лице место и во последен момент.

Слична е ситуацијата и на „Ники“, каде што блокадата ќе започне еден час порано и ќе се однесува на камиони, автомобили и автобуси.

Единствено на граничниот премин Дојран сообраќајот се одвива непречено, со оглед на тоа што таму не се поставени блокади.

Затворени ќе бидат и граничните премини кон Бугарија, како и Какавија кон Албанија.

Во другите делови на Грција, блокади се планирани на автопатот Солун-Атина, на автопатот Егнатија, на автопатиштата на Пелопонез, како и автопатот во западна Грција.

Со блокадите на различни локации, Грција во следните 48 часа ќе биде поделена на два дела, со оглед на тоа што невозможно е да се стигне од Солун до Атина поради затворањето, не само на автопатиштата, туку и на споредните патишта.

Одлуката за 48-часовната блокада беше донесена на масовниот состанок одржан во неделата во Малгара во близина на Солун, кога претставниците на земјоделците одлучија радикализација на активностите, веднаш по празникот Водици што во Грција е на 6 јануари.

Од друга страна, грчката Влада вчера детално ги објасни мерките за поддршка на земјоделците. Вицепремиерот Костис Хаѕидакис уште еднаш посочи дека од 27 барања на земјоделците, 16 се исполнети или се третираат позитивно, четири се разгледуваат, додека пак седум се или вон буџетската или вон европската рамка и повтори дека секогаш се отворени за дијалог со земјоделците.

Дел од мерките предвидуваат намалување на цената на струјата на 8,5 центи за киловатчас до 2028 година, поврат на посебниот данок на потрошувачка на нафта, 100 отсто покриеност на обесштетувањето при елементарни непогоди, специјален баркод за потеклото на производите.

Со оглед на тоа што станува збор за познати мерки, земјоделците изразија незадоволство од она што вчера го соопшти Владата и одлучија да продолжат со планираната 48-часовна блокада.

Според грчките медиуми, доколку земјоделците не ги запрат протестите и блокадите, Владата е подготвена да го спроведе „Планот Б“, што предвидува административни казни за оние кои продолжуваат со затворање на патиштата.

Протестите на земјоделците траат веќе 40 дена, со оглед на тоа што започнаа на 30 ноември.