Бадникови поворки 2026: Радост и заедништво низ земјава и во дијаспората
Носејќи ја Божиќната ѕвезда и пеејќи ја „Вечниот бог“, неколку илјади деца денеска (6 јануари) ја формираа Бадниковата поворка низ повеќе градови во државата. Оваа манифестација се одржува во повеќе од 80 градови и населени места низ државава, како и меѓу македонската дијаспора во Словенија, Италија, Австрија, Франција и САД.
Точно на пладне, во 12:00 часот, оформената бадникова поворка пеејќи ја песната „Вечниот Бог“, тргна од Музејот на Град Скопје и движејќи се по улица „Македонија“, пристигна на плоштадот „Македонија“, пред сцената поставена кај Божиќната пештера.
На сцената, како круна на целокупната манифестација, е изведена „Божиќна авантура“ - голема музичко-сценска изведба во живо, во која учествуваа повеќе од 40 музичари, актери, пејачи и „Златно славејче“.
Мјузиклот е реализиран под уметничко раководство на Владо Дојчиноски, со драматургија на Билјана Крајчевска, и преку музика и сценска приказна ја пренесува пораката за Рождеството Христово.
Пораката од оваа манифестација, велат организаторите, е да останеме на страната на светлината.
Традиционално, во претпладневните часови, групи деца и млади од Бадниковите поворки остварија празнични посети кај претседателката на државата Гордана Силјановска-Давкова, архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, како и кај градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски.
Претседателката Сиљановска-Давкова, на социјалната мрежа Фејсбук објави дека „во духот на празникот, ги дарувала децата со Бадникови пакетчиња“, а тие, како што пишува во објавата, „небаре славејски хор, со озарени лица и блескави насмевки ја поттикаа надежта за подобро утре“.
Во меѓувреме, пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје денеска се одржа и централното одбележување на Бадник. Кум оваа година е Зоран Кондратенко, а здравичар, Јаков Дренковски.
Претходно, членови на Бадникарскиот одбор заедно со Кондратенко и Дренковски, во пресрет на централната манифестација Бадник 2026, утрово ги посетија штитениците на Домот за стари лица Мајка Тереза, за да им ги честитаат праазниците Бадник и Божиќ.
