Обвинение за „Марковски компани“ и директори и раководители на РЕК Битола за криминал во комбинатот
Битолското јавно обвинителство поднесе обвинение против осум лица и компанијата „Марковски компани“, вклучувајќи го и белорускиот почесен конзул во Северна Македонија, Борче Марковски како првоосомничен, за злоупотреби поврзани со постапки за јавни набавки во рударско енергетскиот комбинат РЕК Битола.
Во текот на 2023 година, петмина од обвинетите, директори и раководители на подружници во РЕК Битола, вклучувајќи го и директорот на комбинатот, извршеле злоупотреба на службената положба и овластување, објави обвинителството.
„Со намера да прибават противправна имотна корист за друг, обвинетите распишале и спровеле постапка за јавна набавка за дислокација на погонските станици од рудникот „Осломеј” во рудниците на РЕК Битола, со цел да се воспостави нов транспортен систем за рудата во РЕК, иако знаеле дека таквиот транспортен систем е спротивен на основниот проект и несоодветен за технолошкиот процес на ископ на откривката, јагленот и меѓуслојната јаловина, како и за транспорт на јагленот во рудниците на РЕК“, се вели во соопштението.
Дополнително, како што наведува обвинителството, обвинетите го навеле Управниот одбор да го измени Годишниот план и да овозможи реализација на јавната набавка. Минималните услови за учество на тендерот ги предимензионирале, фаворизирајќи го „Марковски компани“ да се јави како единствен понудувач и да го добие тендерот вреден 1,7 милиони евра.
Борче Марковски како првообвинет, двајца вработени и „Марковски компани“ се товарат за злоупотреба на постапка за јавен повик или јавно-приватно партнерство, бидејќи свесно ги повредиле прописите за постапката со потпишување и поднесување на невистинита документација во која тврделе дека работите на монтажа на погонските станици се завршени, иако донесената механичка и електроопрема стоела расфрлана во кругот на РЕК Битола.
Незавршената обврска, појаснува Обвинителството, ја наплаќале врз основа на лажна документација со што „Марковски компани“ незаконски се стекнала со имот од големи размери.
„Ова им го овозможиле и тројца од обвинетите директори и раководители во РЕК Битола, кои во 2024 година ги потпишувале записниците и извештаите за наводно извршени работи, иако знаеле дека се невистинити, со што го навеле оштетеното правно лице РЕК Битола да изврши незаконита исплата и сториле продолжено кривично дело – измама во службата“, појаснува обвинителството.
Замрзнат милионски имот на Марковски во СрбијаСо обвинението, јавниот обвинител предлага да биде одземен износот од околу 1,7 милиони евра кои и биле исплатени на „Марковски компани“ како резултат на сторените кривични дела.
Обвинителството во текот на истрагата со меѓународна правна помош, лоцирало и обезбеди 1,2 милиони евра, 1.000 швајцарски франци, 3 златни монети и 1 златна плочка од банкарски сеф во Белград, сопственост на Борче Марковски, како и над 500.000 евра на сметки во домашни банки.
Дополнително, замрзнати се и 10 нови товарни и приклучни возила набавени во 2025 година од фирма во Србија во сопственост на Марковски, кои можат да бидат предмет на конфискација. Станува збор за компанијата „Хаза изградба“ во Белград, чие постоење и врски со Марковски првпат беа детално откриени во истражувањето на РСЕ од декември 2024 година, каде се откриени нејзините тендери од „Србија шуми“ и улогата како дел од неговата регионална бизнис мрежа.
„Сознанијата на истрагата се дека обвинетиот поседува две компании во Србија, од кои едната основана на крајот на 2024 година, но и дека согласно анализираното движење на паричните средства има јасна тенденција тој да ги префрла парите со кои располага кон тие компании“, се наведува во соопштението.
Обвинителството до судијата на претходна постапка побара продолжување на ефективниот притвор за за Борче Марковски. Образложението е дека белорускиот конзул „одржува блиски врски и со други држави каде би можел да има парични средства, што го прави сериозен ризикот од бегство“.
Што откри РСЕ?Радио Слободна Европа (РСЕ) пред една година објави истражување за Борче Марковски, белорускиот конзул во Северна Македонија, со фокус на неговите бизнис врски, компании и сомнителни трансакции поврзани со јавни набавки во РЕК Битола.
Беа откриени две фирми во сопственост на Марковски во Србија -„Марковски компани“ основана во Белград во 2009 година, која била избришана по 10 месеци и „Хаза изградба“, фирма чии возила сега се замрзнати по барање на македонското обвинителство.
Од 2021 година до септември 2024 година, „Хаза изградба“ има добиено 14 тендери од „Србија шуми“. Се работи за изградба или реконструкција на шумски патишта, а вкупната вредност е околу 3 милиони евра.
Според истражувањето на невладината организација „Центар за граѓански комуникации“, „Марковски компани“ е најголем добитник на тендери во Северна Македонија за периодот 2019-2023 година. Фирмата рангирана прва меѓу 3.800 учесници, со вкупно 77 склучени договори за јавни набавки.
Нивното истражување покажало дека дури 66 тендери се склучени со државното претпријатие ЕСМ со вредност од 141 милион евра или 93 % од вкупната вредност на сите тендери.
Најчесто РЕК Битола ги ангажирала машините на Марковски за ископ на јаглен, била ангажирана неговата помошна механизација, има договори за ремонтни активности и високостручни машински интервенции со работна рака.
Веќе една деценија, Борче Марковски е почесен конзул на Белорусија во Северна Македонија, именуван во март 2016 година.
