ru24.pro
World News in Macedonian
Январь
2026
1 2
3
4
5
6
7
8
9
10
11
12
13
14
15
16
17
18
19
20
21
22
23
24
25
26
27
28
29
30
31

Мицкоски најави линеарно зголемување на пензиите од април

0

Во април, со мартовската пензија, ќе има линеарно зголемување на пензиите, изјави премиерот Христијан Мицкоски по посетата на Кавадарци на 1 јануари.

Тој рече дека статистичките податоци за нивото на сиромаштија и Џиниевиот коефициент ја оправдуваат политиката за линеарното зголемување на пензиите.

Џиниев коефициент е мерка на статистичка распределба кој најчесто се користи за мерење на нееднаквоста на распределбата на приходите или за мерење на нееднаквоста на распределбата на богатството.

„Во април, со мартовската пензија, ќе има линеарно зголемување на пензиите така што продолжуваме со таа политика. Последните статистички параметри коишто ги издаде Државниот завод за статистика за нивото на сиромаштија и Џиниевиот коефициент само дополнително ја оправдуваат политиката на Владата за линеарното зголемување на пензиите“, изјави Мицкоски.

Тој рече дека целта на Владата е да го намали нивото на стапката на сиромаштија кај оваа група граѓани.

Во 2024 година пензионерите добија линеарни покачувања на пензиите во два наврати со по 2.500 денари, или вкупно 5.000 денари.

Во септември 2025 година имаше уште едно линеарно покачување од по 1.000 денари, подеднакво за сите пензионери.

Опозицијата и експерти критикуваа дека со линеарното зголемување се заобиколува процентуалното усогласување на пензиите кое, според закон, се прави два пати годишно врз основа на растот на просечната нето плато и на трошоците за живот. Според нивни пресметки, за голем дел од пензионерите тоа е неповолно односно, тие би добиле поголеми покачувања доколку има регуларно усогласување на пензиите.

Според податоците од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) во ноември 2025 година во Северна Македонија имало 346.909 корисници на пензија. Просечна исплатена пензија е 27.303 денари, според ПИОМ.