ru24.pro
World News in Macedonian
Ноябрь
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26
27
28
29
30

Пет осомничени за злоупотреби со стоковите резерви, меѓу нив и ексминистер

0

Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје соопшти дека повело постапка против пет лица во врска со злоупотреби со државните стокови резерви.

Тие се осомничени дека во соизвршителство го сториле кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластувања“ и го прекршиле Законот за стоковни резерви.

Меѓу нив е и поранешниот министер за земјоделството, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, од опозицискиот СДСМ, од каде обвинија дека станува збор за „политички монтиран случај“.

Според ОЈО Скопје, осомничените доставиле неточни информации до Владата иако биле должни да ја известат за фактичката состојба во Јавно претпријатие за берзанско работење „Агро берза“ односно дека има неоснован кусок на меркантилна пченица и јачмен во период од 2019-2021 година.

Меѓу осомничените е и надворешен соработник што бил ангажиран како вештак бидејќи се тврди дека изготвил вештачење со неточни податоци.

„Вештиот наод бил приложен кон информацијата до Влада и истата била прифатена од страна на Владата, при што Агенцијата за стоковни резерви Скопје била задолжена да изврши отпис на 1.500 тони меркантилна пченица и 500 тони јачмен за сточна храна, во вкупна вредност од 29.473.365 евра (во моментот на отписот по цените кои се набавувала пченицата и јачменот во 2022 година, вредноста на истата изнесувала 780.487 евра), што претставува штета на Буџетот“, велат од ОЈО Скопје.

Оваа постапка се води по скратена постапка и обвинителството бара од судот за осомничените да се определат мерки на претпазливост – одземање на пасоши и обврска периодично да се пријавуваат во суд.

Со истите информации за оваа истрага излезе и Министерството за внатрешни работи додека опозициската СДСМ реагираше дека на овој начин власта сака да ја дефокусира јавноста од скандалот со злоупотреба на европските пари преку ИПАРД фондовите.

„Власта се обидува со монтирани обвинувања да дефокусира, да ја замајува јавноста и да се вади од сопствениот криминал во којшто е заглавена. Ваквите монтирани и неосновани пријави за Трајан Димковски, кој целосно ги разобличи сите злоупотреби на Министерството за земјоделство и неспособноста на оваа власт не може да бидат никакво алиби“, велат од СДСМ.

Димковски беше избран за министер во владата предводена од СДСМ во 2019.

Пред десетина дена беа суспендирани исплатите преку програмата ИПАРД 3 кои се доделуваа врз основа на договори потпишани со Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој, што следуваше откако се обелодени афера во која главен осомничен е актуелниот директор на оваа институција, Илија Стоилев од ВМРО-ДПМНЕ.

Обвинителството оформи предмет и го осомничи Стоилев дека примил ветување за поткуп од 50.000 евра од управител на приватно правно лице, под услов да потпише договор за користење на финансиски средства од ИПАРД програмата иако фирмата не ги исполнувала условите од јавниот повик.

ИПАРД е Инструмент за претпристапна помош за рурален развој кој овозможува пристап до фондовите на Европската Унија наменети за финансиска помош за одржливо земјоделство и рурален развој.