Косовската полиција ги негира обвинувањата за пукање врз српската армија
Косовската полиција ги негираше наводите на медиумите во Србија кои вечерта на 16 ноември објавија дека „група Албанци пукале врз припадници на српската армија во близина на базата „Дебела Глава“.
Косовската полиција наведува дека станува збор за неосновани информации кои „не одговараат на никакви официјални информации или настани потврдени од властите на територијата на Косово“.
„Врз основа на сите оперативни податоци, извештаите на полициските единици на терен и координацијата со други надлежни институции, не е регистриран ниту еден инцидент од ваков карактер. Објавувањето на вакви неточни информации придонесува за создавање лажни перцепции и зголемување на непотребните тензии во граничните области“, наведува косовската полиција.
Оттаму исто така додаваат дека треба да се напомене дека полициските единици во неделата уапсиле четворица ловџии со српско државјанство за нелегално преминување на границата и нелегално поседување оружје, кои влегле на територијата на Косово од правец на Србија.
„Пронајденото оружје и муниција беа конфискувани, додека осомничените, според одлуката на надлежните судски органи, беа приведени во согласност со законските процедури“, се додава во соопштението.
Косовската полиција не одговори на прашањето на Радио Слободна Европа за националноста на притворените српски државјани.
Во меѓувреме, Вишото јавно обвинителство во Врање, град на југот од Србија, во одговор до Радио Слободна Европа потврди дека неколку неидентификувани лица, најверојатно од ловечко оружје, испукале неколку истрели во правец на патролата на српската армија во близина на воената база „Дебела Глава“, која исто така се наоѓа во близина на границата со Косово.
Овие лица, како што е дополнително наведено, се оддалечиле со неколку возила кон територијата на Косово, а инцидентот бил пријавен на дежурниот јавен обвинител од страна на Воената полиција во вечерните часови на 16 ноември.
„Во овој инцидент нема повредени лица. Според наредбата на обвинителството, полицијата презема потребни мерки за утврдување на сите околности на овој настан“, се наведува во одговорот.
Неколку медиуми во Србија, вклучувајќи го и Јавниот сервис - Радио телевизија на Србија, во неделата навечер објавија дека група „маскирани Албанци нападнале припадници на српската армија во регионот на базата Дебела Глава, во близина на границата со Косово“.
Сепак, не беа презентирани докази дека групата била составена од Албанци, туку само се наведува дека „тие избегале во правец на Косово со шест џипови“.
Радио Слободна Европа ја праша мисијата на НАТО во Косово, КФОР, која ја контролира граничната област со Србија, дали е запознаена со овој инцидент, но одговор засега не добивме.
