За градоначалници во Гостивар, Маврово Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа ќе се гласа на 11 јануари
На 11 јануари ќе се одржат локалните избори во четирите општини каде на првиот круг на Локалните избори немаше доволен број граѓани кои излегоа на гласање. Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска(17 ноември)го потпиша актот за одржување избори во Гостивар, Маврово Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа.
„Изборите ќе се одржат на 11 јануари 2026 година во согласност со Уставот, Изборниот законик и соодветното законодавство. Со стапувањето во сила на овој акт надлежните институции почнуваат со спроведување на законските рокови и процедури. Упатувам повик до Државната изборна комисија, општинските изборни комисии, како и до набљудувачките организации, да постапуваат совесно, транспарентно и професионално“.
Гаши ги повика сите политички субјекти и кандидатите учесници во овој процес да водат, како што вели, мирен, фер и демократски изборен процес, со почитување на изборните стандарди и европските вредности.
„Исто така, им се обраќам на граѓаните на овие општини да го остварат своето право и масовно да учествуваат на гласањето. Повторувањето на изборите ја потврдува важноста на учеството на секој граѓанин во локалното одлучување и во зајакнувањето на институционалниот легитимитет. Собранието останува посветено на редовните демократски процеси и на консолидирањето на институциите на државата“, се вели во писмената изјава на собранискиот спикер.
Локалните избори се одржаа на 19 октомври (прв круг) и на 2 ноември(втор круг). Според резултатите од двата круга на локалните избори, коалицијата предводена од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ победи во 54 општини и Град Скопје.
Втора по бројот на освоени градоначалнички места е коалицијата ВРЕДИ со девет. Коалицијата на СДСМ ќе има шест градоначалници, НАИ 4, а Движење ЗНАМ и Унијата на Ромите, по еден градоначалник.
Две општини ќе ги водат независни кандидати.
Во општините Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше и во Центар Жупа изборите за градоначалници пропаднаа, бидејќи не беше исполнет цензусот на гласање да излезат најмалку една третина од запишаните гласачи во Избирачкиот список.
