Партиите собраа 1,8 милиони евра донации за изборите, но како ги трошеа?
Најмалку 1,8 милиони евра „легнале“ на изборните банкарски сметки на 10 поголеми политички коалиции и партии за локалните избори. Ова го покажуваат првите извештаи за финансирање на изборната кампања поднесени до Државната изборна комисија (ДИК). Конечниот извештај ќе биде објавен за два месеца.
На овие избори легнале 400 илјади евра помалку од парите донирани во минатогодишната двојна изборна кампања за претседателските и парламентарните избори.
Партиите за финансирање на кампањите отвораат наменски сметки само за таа потреба. На тие сметки може да се внесат пари од државниот буџет, кои им следуваат на партиите според закон во зависност од освоените гласови на претходните избори, потоа од редовните сметки на партиите што всушност се пари што тие ги собираат од донации и од членарина.
Анализата што ја направи Радио Слободна Европа од првите два извештаи кои партиите ги доставиле до Државната изборна комисија, покажа дека парите на изборната сметка на дел од партиите дошле од партиски сметки на кои донирале актуелни и поранешни функционери, пратеници и градоначалници, доктори и директори.
Дел од партиите, пак, наместо од членарина и донации, изборната кампања ја финансирале со „заработените пари“ од државниот буџет добиени од претходните избори.
Транспарентноста на партиите за парите донирани, но и потрошени за изборна кампања без разлика дали се од буџет (околу 60 проценти се од таму) или се од донации и членарини е важна затоа што тоа се пари на граѓаните искористени за партиска промоција. Дури и кога се донациите кои формално доаѓаат од приватни лица или фирми, тие може директно да влијаат врз политички одлуки.
Имено за финансиската транспарентност на партиите за време на избори, има низа забелешки и препораки кои не се спроведени од меѓународната заедница преку нивните набљудувачи.
Северна Македонија веќе има искуство и пракса со сомнежи и обвиненија за перење пари преку изборните кампањи и финансирањето на кампањите, како што е судскиот процес против ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година кога беше обвинета за „перење пари“ преку изборните сметки и за изборни нерегуларности.
ДУИ и Алијанса за Албанците ги „реинвестираа“ државните пари во изборна кампања
Најмногу пари на изборна сметка прикажала опозициската коалиција „Национална алијанса за интеграција“(НАИ), вкупно 760 илјади евра. Поголемиот дел од овие пари доаѓаат од државниот буџет, кои Демократска унија за интеграција и Алијанса за Албанците, ги добиле од државата според бројките од освоени гласови на минатогодишните двојни избори.
ВМРО-ДПМНЕ си префрлила за изборите 690 илјади евра од партиската сметка
Втора на топ-листата е владината коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ „За твоја Македонија“ која на 12 банкарски сметки, вложила најмалку 690 илјади евра во изборната кампања од донации. За разлика од коалицијата НАИ, извештаите покажуваат дека овие пари доаѓаат од уплати на партиската сметка од членовите на партијата, а се префрлани на сметката за избори.
Меѓу најголемите дарители во партијата е актуелниот директор на Управата за извршување на санкции Александар Пандов со влог од речиси 10 илјади евра. Од неговата партиска донација кон сметката за изборната кампања биле префрлени само 650 евра.
Слична е ситуацијата и со поранешниот фудбалски репрезентативец Игор Кралевски кој донирал во партијата 6 500 евра, ама на изборната сметка од нив легнале само 650 евра.
Пратениците од владејачкото мнозинство како Антонио Милошоски, Драган Ковачки, Дафина Стојаноска и Бране Петрушевски донирале по 5 илјади денари.
Една од малкуте фирми што донирале на овие избори е фирмата АДР Груп Доо од Делчево, која уплатила 3 илјади евра на партиската сметка на ВМРО-ДПМНЕ. Од нејзината донација кон партијата на изборната сметка биле префрлени речиси 700 евра.
Станува збор за компанија со еден вработен, која е основана во 2023 година, а, како што покажуваа податоците од Централниот регистар, во 2024 година покажала приход од 2 800 евра.
Делчевската фирма е регистрирана со дејност вадење на чакал, песок, глина и каолин.
Вкупно 400 илјади евра донации прикажале 6 партии и две коалиции
Донациите кои легнале на партиските изборни сметки во останатите партии се поскромни, покажуваат податоците од извештаите. На пример на сметката на владејачката ВРЕДИ (ВЛЕН) „легнале“ 83 илјади евра. Од тие пари 50 илјади евра доаѓаат од касата на Алтернатива кој ги добила од државниот буџет.
Останатите пари се донации од 22 лица меѓу кои и Висар Ганиу кој уплатил 1 600 евра, кошаркарскиот тренер Ерхан Рамадани на клубот „Чаир 2030“ и директорот на Управата за водење на матични книги Фатон Фазлиу.
Буџетските 50 илјади евра кои легнале на партиската сметка на „Твоја Партија“
Коалицијата „Искуство за успех“ сочинета од партиите Гром, Либерално-демократската партија, Интегра и Партија за целосна еманципација на Ромите прикажала вкупно 138 илјади евра. Но, од четирите партии само две вложиле во кампањата, од кои 40 илјади евра се на Гром, а останатите ги платиле ЛДП.
Движењето ЗНАМ кое е дел од владината коалиција, пак, за разлика од нивните колеги, била детална во извештајот за потрошените пари. Донациите на изборната сметка се 50 илјади евра и доаѓаат од партиската сметка. Но, за време на изборната кампања потрошиле повеќе, односно за рекламирање потрошиле околу 150 илјади евра, од кои 116 илјади им останале неплатени.
СДСМ со донации од 50 до 100 евра од член на партија
Вкупно 7 650 евра во првиот и 7 000 во вториот круг како донации ги прикажала опозициската СДСМ за изборната кампања на локалните избори.
Според податоците од нивниот извештај фирмата Тотал Инженеринг која е во сопственост на братот на поранешниот премиери и лидер на партијата Зоран Заев, Вице Заев донирала 50 евра во услуги, пишува во изврштајот на СДСМ.
Останатите 14 600 евра дошле од месечните уплати на членовите на партиската сметка кои се префрлени на изборната сметка. На списокот со уплати од 50 до 100 евра се наоѓаат поранешните министри и функционери како Благој Бочварски, Сања Лукаревска, Оливер Спасовски, Дамјан Манчевски.
Финансиската транспарентност на партиите анемична
Кога политичките партии поднесуваат извештаи за тоа како ја финансираат изборната кампања, во нив најчесто се гледа само колку пари собрале, но не и колку пари потрошиле и на што.
Формуларот што треба да го пополнат е делумно празен кај најголем дел од кандидатите – особено делот за трошоци. Ова го забележале и меѓународните набљудувачи кои со години препорачуваат да се измени тоа во Изборниот законик.
Според ОБСЕ/ОДИХР, партиите уште пред кампањата биле обучени како да пополнуваат финансиски извештаи, но и покрај тоа некои практични работи не биле разјаснети. Поради тоа, едни го толкувале законот на еден начин, други на друг, а институциите немале доволно капацитет да проверат сè. На крај, тоа довело до слаб надзор и мала транспарентност околу парите во кампањите.
На новинарските прашања на РСЕ зошто не ги објавуваат и трошоците, ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека во овој период имале обврска да ги пријават само донациите, а дека трошоците ќе ги прикажат кога ќе се фактурира сè. СДСМ и други партии воопшто не одговорија.
Според последните измени на Изборниот законикво 2024 година, рокот за поднесување целосен извештај е продолжен – наместо 20, сега имаат 60 дена по конечните изборни резултати за да покажат на што се потрошени парите.
Препораките за измени на Изборниот законик од 2020 година, кои секои избори се повторувааат, а се однесуваат на подобување на процесот и поголема транспарентност на партиите за време на кампања околу трошоците, беа дел од предлог закон кој не ја виде светлината на денот, вели поранешниот претседател на ДИК и претседател на работната група Александар Новаковски. Според него клучниот проблем е во недостигот на политичката волја.
„Работевме, како работна група ги вметнавме предлозите на Државен завод за ревизија, процесот го набљудуваше ОБСЕ/ОДИХР, но во партиите нема расположение и во последен момент се блокираше тоа. Значи причините се јасни, не сакаат транспарентно да ги прикажат трошоците“, вели Новаковски.
ОБСЕ/ОДИХР: Ограничена транспарентност и неуспешен надзор
Формуларите не бараат податоци по општини, како што препорачуваат меѓународните набљудувачи, па не може да се провери дали партиите ги почитуваат законските ограничувања на трошоци за рекламирање.
Набљудувачите велат и дека ДКСК и Државниот завод за ревизија го исполниле само минимумот на своите обврски – ги објавиле извештаите на веб-страници, но не иницирале постапки против оние кои не ги почитувале роковите.
Од 167 извештаи што требало да се поднесат, само 57 биле предадени навреме. Ниту една институција не презела чекори против евентуалните прекршители, па механизмот за казнување практично не функционирал, велат од ОБСЕ/ОДИХР.
„Тоа ја намалува довербата на јавноста во изборниот процес“, додаваат во нивниот извештај.
Законот предвидува казна од 9.000 евра за оние што ги прекршуваат правилата, но не е јасно која институција треба да го започне процесот.
ОБСЕ/ОДИХР уште во 2020 препорача пред избори да се бараат барем основни извештаи за приходи и трошоци, но тие препораки не се целосно применети.
Новаковски смета дека постои преќутна согласност меѓу партиите за да не се зголеми транспрантноста, но и да не се одреди конкретно која институција ќе биде надлежна за детална проверка на извештаите за донациите и трошоците во изборната кампања.
„Затоа што ако се прифатат измените, партиите ќе може да бидат контролирани и тогаш ќе мора да ги прикажуваат трошоците. Бидејќи контролите така ќе им се полесни на надлежните“, објаснува тој.
Според податоците, најголем дел од парите за изборните кампањи доаѓаат од државниот буџет – околу 60%. Од партиски донации доаѓаат 20 – 30%. Законот ја ограничува максималната донација: физичко лице може да даде најмногу 3.000 евра, правно лице најмногу 30.000 евра.
