Италијанската истрага за „викенд снајперистите“ ги отвори раните во Сараево
Ирина Чишиќ го прослави својот прв роденден на 8 октомври 1993 година. Само четири дена подоцна, таа беше погодена од куршум од снајпер додека шеташе со мајка си по улиците на сараевската населба Циглане.
„Бидејќи Ирина само што прооди, мојата сопруга Стана ја водеше за рака. И никогаш не разбравме зошто тој некој пукаше во мета од 50-60 сантиметри, со големина на едногодишно девојче, а не пукаше во голема мета, мојата сопруга, која беше многу полесна за погодување“, изјави за Радио Слободна Европа (РСЕ) таткото на Ирина, Самир.
Три децении родителите на убиеното девојче бараа одговор дали нивната ќерка е убиена случајно или „од забава“?
Во последните денови, нивната тага повторно се разбуди од извештаите на италијанските медиуми за истрагата што се води во Милано - за таканаречените „викенд снајперисти“.
Според весниците „Ил Џорно“ и „Ла Република“, како и агенцијата АНСА, обвинителите истражуваат тврдења дека за време на војната во Босна и Херцеговина, богати странци платиле огромни суми пари за да пукаат во цивили во опколено Сараево - „за забава“.
Обвинителството во Милано не одговори на прашањето на Радио Слободна Европа во која фаза е истрагата или против кого е покрената.
Град под снајперисти
За време на речиси четиригодишната опсада на Сараево, според податоците на здружението на жртви и пресудите на меѓународните судови, секое десетто дете убиено во градот било погодено од снајперски истрел. Повеќе од 14.000 деца биле ранети.
И покрај ова, ниту еден снајперист не бил лично одговорен - ниту пред домашните, ниту пред меѓународните судови.
Во пресудите против највисоките функционери на Република Српска, Хашкиот трибунал заклучи дека снајперската кампања имала една цел - „да ги тероризира цивилите во Сараево“.
Флоренс Хартман, поранешна портпаролка на Хашкото обвинителство, за РСЕ изјави дека Хашкиот трибунал бил свесен за постоењето на „туристички експедиции на смртта“.
„Знаевме за тоа, дури и не знам како да го наречам. Не знаевме како е организирано. Исклучително е важно што е покрената судска истрага и организаторите мора да бидат истражени“, изјави за РСЕ Хартман.
„Сараево Сафари“: Злосторство што не може да се верува
Бенјамина Кариќ, градоначалничка на сараевската општина Ново Сараево, имала една година кога започнала војната. Откако го гледала документарецот „Сараево Сафари“ во 2022 година, таа поднела кривична пријава до Обвинителството на БиХ, а подоцна и до италијанските власти.
„Знаете, кога некој ќе помисли на таков монструозен злостор, кога ќе помисли дека богати луѓе дошле во Сараево за време на викендите за да ги убијат нашите деца, тоа е најцрната работа што може да ја помисли човек“, изјави Кариќ за РСЕ.
Таа не добила никаков одговор до средината на 2025 година.
Потоа, преку Амбасадата на Италија во Босна и Херцеговина, таа испратила дополнение на кривичната пријава со нови информации што ѝ ги дал италијанскиот новинар Ецио Гавацени. Тој се заинтересирал за случајот и се обратил до обвинителството во Милано со помош на поранешниот судија Гвидо Салвини.
„Сето ова што се случува во последно време дава зрак надеж дека барем дел од правдата ќе биде задоволена“, изјави Кариќ за РСЕ.
Сведоштва и истраги
Во неколку пресуди на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), беше посочено дека снајперските напади имале за цел „тероризирање на цивилите во Сараево“.
„Цивилите во Сараево беа цел на снајперисти додека одеа да наполнат вода. Децата беа застрелани од снајперисти додека си играа пред своите куќи, шетаа со своите родители или се враќаа дома пеш од училиште, возејќи велосипеди“, рече претседателот на судот О-Гон Квон, читајќи ја пресудата против поранешниот претседател на Република Српска, Радован Караџиќ, кој беше осуден на доживотен затвор во 2019 година.
За време на судењето на Драгомир Милошевиќ, кој беше осуден од Хашкиот суд на 29 години затвор како командант на Сараевско-романскиот корпус на Армијата на Република Српска, американскиот пожарникар Џон Џордан сведочеше за „странците кои платиле за да дојдат во Сараево и да пукаат во цивили од позициите на српските сили“.
„Локалното население носеше одредено оружје, и кога некој ќе се појави со оружје кое повеќе личи на тоа дека треба да лови дива свиња во Шварцвалд (планина во Германија) отколку во урбана битка на Балканот, знаете, кога ќе го видите, очигледно можете да кажете дека е почетник во движењето низ урнатините. Знаете, ако оди како патка, вика како патка, тој е патка“, рече Џордан во февруари 2007 година.
Босанското судство без епилог
Доколку обвинителите во Милано поднесат обвиненија и докажат вина, тоа би бил првиот случај во Европа во кој убиствата на цивили од снајпер во Сараево се изнесени пред суд.
Во меѓувреме, судството во БиХ сè уште ги „проверува обвинувањата“.
Во мај 2021 година, Обвинителството на БиХ поднесе тужба против неколку лица по објавувањето на видео, чија автентичност РСЕ не можеше да ја потврди, во кое еден од снајперистите на војската на Република Српска се фали како „удрил некого право во главата“.
„На 2 април 2025 година, Државното обвинителство на Босна и Херцеговина го префрли случајот на долното обвинителство на Сараевскиот кантон, кој е поврзан со снајперска активност во сараевската населба Неџариќи. Вршителот на должноста обвинител активно презема мерки за проверка на наводите во извештајот“, изјави за РСЕ Азра Бавчиќ, портпаролка на Обвинителството на Република Босна и Херцеговина.
Според податоците на Високиот судски и обвинителски совет на Босна и Херцеговина, во земјата има повеќе од 3200 нерешени случаи на воени злосторства- од кои речиси 90 проценти се „во почетна фаза“, односно осомничениот не е познат или кривичното дело не е утврдено.
Повеќе од 150 осомничени се надвор од БиХ, главно во Србија и Хрватска.
„Обвинителството на Босна и Херцеговина не ги гони ниту сите лица од „листата А“ што им ја даде Хашкиот трибунал, што треба да биде приоритет. Денес, воените злосторници слободно шетаат и се среќаваат со своите жртви. Тоа е одговорот зошто никој од Босна и Херцеговина не е гонет за снајперски стрелања врз децата од Сараево и цела Босна и Херцеговина, ниту пак оние што платиле за да дојдат во Босна и Херцеговина и да ги задоволат своите животински нагони“, изјави докторот по право Енвер Ишериќ за РСЕ.
Сараево беше опкружено од Армијата на Република Српска од 1992 до 1995 година. За време на 1425-дневната опсада, најдолгата во модерната европска историја, градот беше претворен во смртоносна кланица.
А според тврдењата од истрагата во Милано, богати странци од Италија, Русија, Канада и САД наводно дошле на тоа место за егзекуција - подготвени да ја платат цената на „сараевското сафари“.
Италијанските медиуми објавуваат дека босанските разузнавачки служби за време на војната, со оглед на тоа како сè било организирано, верувале дека зад сè стојат Службата за државна безбедност (СДБ) на Србија и поранешниот шеф на српската тајна служба Јовица Станишиќ, кој беше осуден за воени злосторства на 15 години затвор пред Хашкиот трибунал.
