Од 19 анализирани случаи, кај 10 непотребно биле извршени кардиохирушки операции
Кај 10 од 19 анализирани случаи, Интерната комисија за кардиолошки и кардиохируршки интервенции утврди дека се непотребно извршени операции или непотребно се упатени за операции, соопшти министерот за здравство Азир Алиу, на денешната прес-конференција.
Тој посочи дека од пристигнатите 25 случаи, комисијата утврдила дека шест треба да се испратат до Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), бидејќи таа не е надлежна.
Претседавачот на комисијата доктор Жарко Христовски, рече дека во оваа првична фаза анализирале само потреба од реваскуларизација т.е. пациенти кои имаат васкуларна болест, а сите други пациенти ќе се анализираат по пријава или при следната фаза од нивното работење.
Тој додаде дека ова е само првична анализа и понатаму ќе се постапува заедно со меѓународна комисија за дополнителна анализа за случаите со проблематични индикации.
Во втората фаза, како што инфромираа членовите на комисијата, ќе следува влегување во институции по случаен избор, а ќе се направи и анализа околу стратегијата на лекување на пациентите со кардиолошки проблеми и комплетен увид на медицинската документација.
Инаку Комисијата беше формирана непосредно откако проф.д-р Сашко Кедев рече дека во приватни клиники се прават непотребни операции за профит.
Иако Кедев не посочи конкретна болница, „Аџибадем Систина“ му се закани со тужба и побара да каже на кого мисли, а тој врати дека „тужбата ќе биде можност конечно да се види што навистина се случува во македонското приватно здравство“.
По оваа изјава Министерството за здравство најави формирање комисија со експерти од три различни земји за проверка на работењето во приватните здравствени институции, но и продолжување на контролите во јавните здравствени установи кои се занимаваат со истата проблематика.
Директорот на Фондот за здравство Сашо Клековски пак упати апел до можните оштетени граѓаните во кардиохирургијата и до сите други пациенти, да поднесат жалби.
