Советот на Град Скопје го усвои ребалансот на Буџетот
Советот на Град Скопје денеска (14 ноември) го усвои ребалансот на Буџетот со еден глас против и еден воздржан.
- Со ребалансот се обезбедуваат средства за стабилизација на градските финансии, унапредување на инфраструктурата, подобрување на јавниот превоз, инвестирање во образованието и развој на нови зелени површини – наведуваат од Град Скопје во денешното соопштение.
37 советници гласаа ЗА, еден воздржан и еден против.
Со ребалансот, буџетскиот дефицит се намалува за 928,5 милиони денари, а капиталните инвестиции се зголемуваат за речиси 98,9 милиони денари.
Во делот на јавниот превоз се предвидува враќање на приватните превозници во системот, продолжување на соработката со Министерството за транспорт за повторно активирање на Градскиот воз, како и набавка на 80 нови автобуси.
Од Град Скопје информираат дека започнува и процесот на разгледување на БРТ-системот како современо решение за подигнување на квалитетот на јавниот транспорт.
Оттаму додаваат дека во образованието, до крајот на годината, сите училишта ќе добијат нови спортски терени, фитнес-зони, смарт табли, информатички кабинети и лаптоп за секој првенец на генерација.
