ru24.pro
World News in Macedonian
Ноябрь
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14
15
16
17
18
19
20
21
22
23
24
25
26
27
28
29
30

Екологијата на маргините, граѓаните на блокади, во институциите молк

0

Жителите на село Љубојно, на падините на планината Баба, веќе три месеци стојат на блокади решени да го одбранат селото, од како што велат, масовната сеча.
Откако шумата над селото е оголена, тие велат дека дождот за само половина час ги поплавува дворовите и улиците во Љубојно. Причината според нив е очигледна:
„Не треба да си генијалец за да сфатиш колку се важни дрвјата. Народот стои на блокади против ова масовно уништување“, раскажуваат активистите од „Зелена Народна Стража“ кои со денови го блокираат патот што води кон планината.
Нивниот отпор е само дел од пошироката слика во земјата - граѓаните сè почесто се вклучуваат во блокади, бидејќи како што велат, институциите не одговараат на нивните барања за заштита на шумите, реките и воздухот, додека истовремено слушаат ветувања за европски стандарди и зелени политики.
Само годинава имаше блокади против изградба на хидроцентрали на планината Кожуф, протести за загадувањето од депонијата во Струга и иницијативи и протести за чист воздух во неколку скопски населби.
„Постои огорченост поради тоа што нема слух од властите на барањата да се заштити животната средина. Последна трагедија што ја очекуваме е донесување на новиот закон за минерални суровини, кој ќе отвори врата за проекти и корупција“, вели за РСЕ Ристо Камов од „ChangeMakers4All“ - здружение од Југоистокот на земјата, кое учествува во блокади и води правни битки против загадувачки проекти.

Камов зборува во насока на загриженоста на граѓаните за плановите за отворање на нови рудници, особено откако во неколку општини во Југоистокот се води долгогодишен отпор против вакви проекти, а беа организирани и локални референдуми против рудници.
Токсичен воздух, пресушени езера и загадени реки
А, каква е еколошката слика на Северна Македонија – земја кандидат за членство во Европската Унија?
Преспанското Езеро пресушува, во Охрид никнуваат градби до самото езеро, а канализација се излева во Охридското Езеро. Скопје, Тетово, Битола и низа други градови се меѓу најзагадените во Европа; индустријата слева отпад со цијанид во реките; во националните паркови се сече шума и се подигаат хидроцентрали, додека целата територија е буквално затрупана со комунален отпад и историски депонии — вклучително и крај витални извори за вода како Рашче.
Сликата ја влошуваат климатските промени. Секое лето гори сè поголема шумска површина, сушите и екстремните невремиња се почести, а земјоделството е под ризик од губење родови и почви.
Само во текот на ова лето шумските пожари, според полицијата повеќето подметнати, изгореа површина од над 17.000 хектари. Проценките на јавното претпријатие „Национални шуми“ се дека вкупната штета достигнува околу 50 милиони евра.
Негрижата кон животната средина, особено кон најголемите природни богатства како Преспанското и Охридското Езеро, ја истакнуваат и активистите од граѓанското здружение „Охрид SOS“, според кои од властите доаѓаат само зборови за грижа, а дека на дело има континуирано уништување.
„Со години слушаме најави, стратегии и ветувања за спас на Преспанското Езеро. Министерства, општини и донатори се пофалија со проекти и меѓугранични иницијативи, но на терен резултатите се невидливи. Нивото на езерото опаѓа, живеалиштата исчезнуваат, а екосистемот пропаѓа“, велат од граѓанското здружение.
И примерот од Струга доволно го покажува односот на институциите кон животната средина и барањата на граѓаните, по тужбата на Македонското здружение на млади правници за загадувањето од локалната депонија, за која струшкиот и битолскиот суд се прогласија за ненадлежни, па случајот заврши пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Во моментов се чека Собранието да го избере новиот министер за животна средина.
Но и уште едно граѓанско здружение „Еко свест“ посочува дека унапредувањето на животната средина во земјата изминатиот период бележи „загрижувачки тренд на уназадување и стагнација во сите аспекти на животната средина“.
„За жал и покрај начелните заложби на Владата на РСМ и релевантните институции, сè уште не може да се потврди заложба на Владата за приоретизирање на унапредувањето на состојбите во оваа област“, велат од „Еко свест“.
ЕК - запрени реформи и неефикасни институции
Додека граѓаните протестираат за воздух, шуми и вода, и најновиот Извештај на Европската комисија за 2025 година потврдува дека Северна Македонија речиси и да нема напредок во заштитата на животната средина и борбата против климатските промени.
Според документот, земјата има „одредено ниво на подготвеност“, но имплементацијата и спроведувањето на законите заостануваат.
Брисел забележува дека реформите се запрени, институциите немаат капацитет, а еколошките закони често остануваат само на хартија.
„Во однос на индустриското загадување и управувањето со ризици, несреќата од март 2025 година во рудникот за олово и цинк Тораница, што резултираше со загадување на Крива Река со опасни супстанции, откри сериозни празнини во спроведувањето и недостаток на подготвеност и протоколи од страна на властите за справување со вакви инциденти“, се наведува во извештајот.
Во извештајот се додава дека системот за инспекција и санкции е неефикасен и дека треба значително да се зајакне.
„Последниот извештај на Европската комисија од 2025г. за Република Северна Македонија јасно ги покажува слабостите на системот и недостатокот на капацитети за справување со предизвиците во областа на внатрешното уредување“, велат од „Еко свест“.
Тие додаваат дека и покрај што заштитата на животната средина претставува човеково право и е загарантирана со Уставот и законите, државата сè уште не може да го унапреди остварувањето на човековите права во оваа област“, а иако кривично-правните аспекти на делата од животната средина се дел од позитивното законодавство на државата, сѐ уште не се преземени никакви дејствија за спречување на противправни активности во оваа област, велат од организацијата.
Во делот за животна средина, Европската комисија посочува дека се направени само ограничени чекори, како усвојувањето на Законот за индустриски емисии и измените за ратификација на Еспоо конвенцијата, но дека реалната примена е минимална.
Особено се вели дека е алармантна состојбата со управувањето со отпадот, каде државата не успеала да воспостави функционален регионален систем, и покрај со години финансиска поддршка од ЕУ.
Комуналните претпријатија работат неефикасно, националните стратегии за управување со отпад и тиња не се усвоени, а депониите, вклучително и оние со индустриски отпад, остануваат најголем нерешен еколошки проблем.
Нема напредок за климатските промени
Слична е сликата и кај квалитетот на водата и воздухот. Новиот Закон за води сè уште не е усвоен, плановите за управување со речните сливови не се донесени, а системот за инспекција и санкции се оценува како „неефикасен“.
Од „Еко-свест“ предупредуваат дека недонесувањето на плановите за управување со речните сливови создава сериозен ризик за загадување и уништување на површинските и подземните води, особено при неконтролиран ископ на песок и чакал.
Организацијата посочува и дека употребата на елаборати за животна средина, наместо целосни студии за оцена на влијанието, овозможува спроведување на инфраструктурни проекти без вистинско учество на јавноста, пристап до информации и пристап до правда.
Во делот за воздух, Европската комисија нотира дека во извештајниот период немало никакви нови законски измени, дека мониторингот е ограничен, а капацитетите за мерење и контрола слаби и недоволни.
Слично е во поглавјето на извештајот за климатски промени, каде оценката е дека во текот на изминатата година не е постигнат никаков напредок.
ЕК вели дека Северна Македонија сè уште нема усвоен Закон за климатски промени, не го финализирала ревидираниот Национален енергетски и климатски план (NECP), ниту има активна кадар за климатски промени во Министерството за животна средина и просторно планирање.
А како што вели Камов од „ChangeMakers4All“, додека институциите молчат, на граѓаните и активистите не им останува ништо друго освен да стојат на блокадите, бранејќи ги шумите, водите и воздухот.