Специјалните сили „Волци“ на меѓународната воена вежба „ОРИОН-25“ во Грција
Во десетина комплексни сценарија на копно, во вода и воздух, специјалните сили од девет држави, меѓу кои и македонските „Волци“, ги демонстрираа своите способности и капацитети на меѓународната воена вежба „ОРИОН-25“ што се одржува во Грција.
Вежбата започна на 3 ноември и завршува утре, а во неа учествуваат припадници на Командата за специјална војна на Грција, Единицата за подводни мисии на Крајбрежната служба, Единицата за борба против тероризам на грчката полиција, како и сили за специјални операции од Бугарија, Северна Македонија, Швајцарија, Италија, Хрватска, Кипар, САД и Романија. Денеска, на Денот за високи гости и претставници на медиуми, припадниците ги прикажаа своите оперативни способности.
Целта на вежбата е да се тестираат операциите на специјалните сили во реални услови, да се унапреди борбената готовност на тактичко ниво и да се зајакне мултинационалната и меѓуинституционалната соработка.
Во крајбрежното место Мегара, во западниот дел на областа Атика, специјалците изведоа над 15 сложени сценарија со употреба на дронови, дронови-камикази, авиони Ф-16, хеликоптери, бродови и оклопни возила, јавува МИА.
Меѓу најимпресивните вежби беа заземање на мал остров, инфилтрација на непријателска територија од воздух и евакуација со SPIES систем, при што војници беа извлечени со јаже од хеликоптер во област каде што не е можно слетување.
Вежбата опфати и справување со непријателски сили, евакуација на повредени со хеликоптер NH90, како и спуштање на гумени чамци во море. Традиционално, заврши со падобранци кои ги носеа знамињата на земјите учеснички.
Началникот на Генералштабот на националната одбрана на Грција Димитрис Хупис истакна дека вежбата „ОРИОН“ ја потврдува важноста на зајакнувањето на сојузите преку заедничка обука и соработка, како и високата оперативна подготвеност на сите единици кои учествуваа.
