Муцунски: Нема притисоци врз работата на Македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања
Политиката нема право да се меша во академската слобода, а обврска на членовите на ова тело е да дебатираат и да носат заклучоци, засновани на научни методи, порача министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во врска со работата на Македонско-бугарската експертска комисија за историски и образовни прашања.
„Обврската на членовите на таа комисија е да дискутираат, дебатираат и ако успеат да донесат некои заклучоци врз основа на нивните научни познавања. Така што, политиката ги има тргнато рацете, откако Владата ја предводи премиерот Мицкоски и откако јас сум министер за надворешни работи и надворешна трговија“, рече Муцунски на денешната прес-конференција во Владата, одговарајќи на новинарско прашање да даде коментар на изјавата на бугарскиот копретседавач на Комисијата, Ангел Димитров дека Комисијата стагнира во своето работење.
Муцунски нагласи дека ниту имаат направено притисок, ниту влијаат на работата на членовите на Комисијата.
„Ние не смееме да правиме какви било притисоци, ниту со наше толкување на фактите, ниту со поставување какви било временски рамки. Тие имаат слобода да работат онака како што сметаат дека е најдобро“, одговори Муцунски.
Димитров за БНТ изјави дека Комисијата „е еден вид алиби во моментално многу комплицираните односи меѓу Бугарија и Северна Македонија“ и додаде дека смета оти нејзината работа во моментов стагнира.
Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања минатата недела во Скопје ја одржа 38. редовна средба, согласно годишниот план за работа.
Во соопштението од Комисијата беше наведено дека за време на средбата од македонска страна биле доставени новите учебници за Историја и општество за V и VI одделение и се разговарало околу идниот пристап и методологија во однос на дискусиите околу учебниците.
Следната средба на Комсијата ќе се одржи во првата половина на декември во Софија.
