ru24.pro
World News in Macedonian
Ноябрь
2025
1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14
15
16
17
18
19
20
21
22
23
24
25
26
27
28
29
30

Надлежните уверуваат дека судењето за трагедијата во Кочани ќе се одвива непречено

0

Кривичниот суд, Јавното обвинителство и Адвокатската комора уверуваат дека ќе направат сѐ за судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која животот го загубија 63 лица, а беа повредени околу 200, да се одвива непречено и ефикасно.

Од Кривичниот суд информираат дека ќе бидат преземени засилени безбедносни мерки, вклучително и присуство на лекарска екипа. Оштетените сведоци нема да можат да ја следат постапката до нивното сослушување.

Најавуваат строга контрола на лекарските оправдувања и другата медицинска документација, со која учесниците во процесот ќе бараат одложување од здравствени причини, а се внимавало и на возраста на поротниците во судечкиот совет, затоа што ним мандатот им престанува на возраст од 60 години.

Судењето ќе почне на 19 ноември, а на денешниот брифинг со новинарите беше кажано дека ќе се води со темпо од две рочишта неделно. Првичните термини се закажани за 19, 25 и 26 ноември. Процесот ќе го суди судијката Диана Груевска Илиевска.

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски веќе соопшти дека обвинителството е целосно подготвено, со проширен тим од 15 обвинители, со цел како што рече, да не се дозволи одложување на рочиштата.

Иако доказниот материјал е обемен, тој истакна дека постапката ќе биде ефикасна и фер.

Од Адвокатската комора повикаа на дисциплина и професионалност од страна на адвокатите, со цел да се овозможи непречено одвивање на процесот и заштита на правата на оштетените.

Со оглед на чувствителноста на случајот и бројот на оштетени (над 200) надлежните упатија апел до медиумите и јавноста да се воздржат од сензационализам и да известуваат со почит кон жртвите и нивните семејства.

Случајот опфаќа 38 обвинети, односно 35 физички и три правни лица. Помеѓу обвинетите кои се товарат за тешки дела против општата сигурност се сопственици на локали, управители, инспектори, градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници.

Трагедијата во Кочани се случи за време на настап на музичката група ДНК, кога искри од пиротехниката го потпалиле таванот во дискотеката, огнот брзо се проширил, а паниката и тесниот излез од објектот предизвикале и стампедо.

Во пожарот во „Пулс“, ноќта помеѓу 15 и 16 март, загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.