Унгарија испрати нов контингент полицајци на границата со Србија и Бугарија
Нови тимови полицајци од Унгарија се испратени во мисијата за заедничка заштита на границите на Србија и Бугарија, соопшти унгарската полиција.
Во Србија е испратен 36-от полициски контингент, а во Бугарија е пратен 11-тиот контингент.
„Тие ќе извршуваат патролни задачи за спречување и откривање на нелегални гранични преминувања, како и апсење на шверцери на луѓе и нелегални мигранти на територијата на земјите домаќини“, изјави секретарот на унгарското Министерство за внатрешни работи, Бенце Ретвари.
Секретарот Ретвари изјави дека мисијата е долгорочна, успешна и дава конкретни резултати.
„Заедничката работа на Унгарија, Србија и Бугарија придонесува за поефикасна заштита на границите, сузбивање на нелегалната миграција и брзо враќање на лицата кои нелегално ја преминуваат границата, со што се зголемува безбедноста во регионот“, рече Ретвари.
Унгарските полицајци, како што е најавено, ќе патролираат и по патиштата во пограничните области со цел да се зачува јавната безбедност.
Унгарија е членка на Европската Унија (ЕУ) чија јужна граница, од правец на Србија, е една од најоптоварените од приливот мигранти кои се упатуваат кон западните земји во минатата деценија. Во последниве години, западната граница на Бугарија, исто така членка на ЕУ, е една од рутите преку кои мигрантите преку соседна Србија се обидуваат да стигнат до Хрватска, Австрија, Германија и скандинавските земји.
Српската царина објави дека на 5 ноември, во Шид на границата со Хрватска, полицијата пронашла шест мигранти во камион со пченица што се движел кон Италија. Четири возрасни, еден тинејџер и единаесетгодишно дете биле спасени од товарот на камионот.
Унгарија и Србија имаат заеднички патроли на границата на двете земји од 15 октомври 2021 година.
Како што беше објавено, унгарските полицајци ги извршуваат своите должности под надзор на властите на земјата домаќин, патролираат во непосредна близина на границата и во подалечни области, користат службени возила за сите терени, уреди за ноќно гледање, рачни и мобилни термални камери.
На крајот на јуни 2024 година, Европската Унија потпиша договор со Белград за оперативни активности со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс), што подразбира распоредување на членови на Фронтекс низ целата територија на Србија и спроведување на извршни овластувања како што се гранични проверки и регистрација на лица.
Дотогаш, според претходниот договор за статус меѓу Белград и Брисел, Фронтекс и Србија имаа заеднички операции само на границата на Србија со земјите од Европската Унија. Врз основа на тој закон, Фронтекс имаше 111 членови во заедничка операција на границите на Србија со Унгарија и Бугарија.
Според податоците од европските организации кои се занимаваат со прашањето на миграцијата, од почетокот на светската мигрантска криза до денес, повеќе од милион и пол мигранти поминале низ Србија по таканаречената балканска рута. Во тие десет години, мигранти и бегалци од Азија, Блискиот Исток и Африка поминале низ овој пат обидувајќи се да стигнат до земјите од Европската Унија. Рутата минувала низ Турција, Грција, Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска, или алтернативно низ Бугарија и Србија кон западот на Европа.
На Светскиот ден на бегалците, 20 јуни, Комесаријатот за бегалци и миграција објави дека во прифатните и азилантските центри во Србија има 307 мигранти од Авганистан, Египет, Турција, Сирија и Мароко. Беше наведено дека од почетокот на годината во центрите се регистрирани 3.636 лица и дека ова е половина од бројот во споредба со истиот период во 2024 година.
